Право на глас имаат 1.806.336 гласачи запишани во Избирачки список

Граѓаните на Македонија на денешниот референдум можат да гласаат на 3.478 избирачки места во 80 општини.

Право на глас на плебисцитарното изјаснување имаат 1.806.336 гласачи, запишани во Избирачки список.

Во изводите во Република Македонија се запишани 1.725.913, додека во оние за дијаспората 76.060 граѓани.

Кој може да гласа?

Право на глас има секое лице кое е запишано во изводот од Избирачкиот список и поседува важечка лична карта или пасош. Гласањето се врши лично.

По доаѓањето на избирачкото место на граѓанинот најнапред му се проверуваат документите за лична идентификација, и тој се потпишува во изводот од Избирачкиот список. Потоа член на избирачкиот одбор му издава гласачко ливче на кое на предната страна мора да му стави печат.

Освен важечка лична карта или пасош за гласање не се прифаќаат документи како возачка дозвола, здравствена книшка, ученичка и студенска легитимација и друго.

Според упатствата на Државната изборна комисија (ДИК), при утврдување на личниот идентитет, гласачот е должен пред избирачкиот одбор да се претстави на начин на кој е претставен на фотографијата на документот за лична идентификација.

Ако избирачот кој се наоѓа во Избирачкиот список е неписмен или има физички недостаток тој ќе стави отпечаток од десниот показалец на местото резервирано за потпис во изводот од Избирачкиот список.

Не смее да гласа избирач кој ќе одбие да се потпише во Избирачкиот список.

Се гласа зад параванот за гласање, со заокружување „за“ или „против“ исклучиво со хемиско пенкало во сина боја. Доколку гласачот погреши нема да добие друго гласачко ливче. Превитканото гласачко ливче се става во гласачка кутија. Не смее да се дозволи гласачот да го напушти гласачкото место без да го остави ливчето во кутијата.

Зад еден гласачки параван е дозволено да има еден гласач освен во случај кога на гласачот му е потребна помош. Лицата со физички недостаток и неписмените според Изборниот законик имаат право со себе да повикаат лице кое ќе им помогне при гласањето.

Семејно и групно гласање и гласање во име на друг е забрането

Нарушувањето на тајноста на гласањето е кривично дело во Република Македонија. Со Уставот на Република Македонија се гарантира правото на тајност на гласачите. Забрането е семејно и групно гласање и гласање во име на друг. Членовите на избирачките одбори се должни да ги спречат евентуалните обиди за нарушување на тајноста на гласањето. Семејното и групното гласање и гласањето во име на друг значат кршење на избирачкото право претставуваат основа за нарушување на тајноста на гласањето и може да доведат до поништување на изборите.

Член на изборен орган кој работи спротивно на одредбите на Изборниот законик може да заработи прекршочна пријава и глоба во износ од илјада до три илјади евра во денарска противвредност. Глоба во износ од 750 до 2.250 евра во денарска противвредност за прекршок ќе се изрече на физичко лице кое гласа за повеќе лица или гласа во име на друг.

Гласањето почнува во 7:00, завршува во 19:00 часот

Гласачкото место се отвора во 7:00, а се затвора во 19 часот. На лицата кои се затекнале во објектот ќе им се овозможи да гласаат.

Прекин на гласање може да има доколку на гласачкото место се наруши редот се додека тој не се воспостави, во случај на временски непогоди и други вонредни околности, ако приодот до гласачкото место не го обезбедува полиција, а за тоа имало потреба, и доколку полицијата е повикана и не се одѕвала на повикот.

Доколку гласањето биде прекинато пократко од еден час тоа не продолжува по 19 часот, но ако е прекинато подолго од три часа не продолжува истиот ден.

Овластените претставници на подносителите на листите, набљудувачите и гласачите на денот на гласањето на гласачките места не смеат да користат мобилен телефон, апарат или други средства за сликање на гласачкото ливче. Избирачкиот одбор може да го отстрани од гласачкото место секое лице кое не се придружува кон оваа забрана.

Броење на гласовите

Записниците и другиот изборен материјал избирачките одбори го доставуваат до ОИК во рок од три часа по завршувањето на гласањето. ОИК потоа сумираните резултати од гласањето и составените записници ги предава во ДИК.

ДИК првичните резултати од референдумот добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците и целокупниот гласачки материјал од ОИК во рок од 24 часа по нивниот прием.

ДИК конечните резултати од референдумот ги објавува веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.

ДИК ги објавува резултатите од референдумот во Службен весник во рок од 15 дена од денот на одржувањето.

ДИК поднесува извештај до Собранието на РМ за спроведениот референдум на државно ниво во рок од три дена од денот на одржувањето.

Жалби

Секој граѓанин има право да поднесе приговор поради неправилности во постапката за гласање, сумирање и утврдување на резултати од гласање во рок од 24 часа од деот на одржувањето на референдумот на државно ниво до ДИК. ДИК е должно во рок од 24 часа од приемот на договорот да донесе решение. Против решението на ДИК може да се поднесе жалба до Врховниот суд во рок од 48 часа од денот на риемот на решението. Врховнит суд е должен да постапи по жалбата во рок од 48 часа.

Евентуално повторување на гласањето

ДИК може по службена должност или по поднесен приговор, со решение да го поништува гласањето на гласачкото место во одредени случаи утврдени со Изборниот законик.

ДИК со решение ќе го повтори гласањето на местата каде што е поништено само ако вкупниот број запишани избирачи на тие избирачки места влијае врз вкупните резултати од референдумот. Гласањето на избирачкото место кое е поништено ќе се повтори по 14 дена од денот нагласањето.

Против решението со кое се поништува гласањето може да се поднесе жалба до Управниот суд на Република Македонија во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд на Република Македонија е должен по жалбата да постапи во рок од 72 часа по нејзиниот прием. Повторното гласање на избирачкото место каде што е поништено се одржува 14 дена од денот на првото гласање.