Предлог-законите за Бехтел и Енка дојдоа пред пратениците

Петте предлог закони, кои се потребни за исполнување на договорот со конзорциумот Бехтел и Енка за изградба на коридорите 8 и 10д, се доставени во Собранието и според најавите денеска треба да бидат ставени на дневен ред пред пратениците. И покрај реакциите на јавноста, како и на делегацијата на ЕУ во Скопје, Владата реши овие предлози за законските измени да ги испрати во Собранието со европско знаменце.

Меѓу нив се и предлог измените на законот за зголемување на часовната работна недела, кои предизвикаа бурни реакции во јавноста, а чиј предлагач е Владата на чело со министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска.

Според неофицијалните информации, со предлогот во членот еден се додава нов став со кој се дава можност местото и начинот на исплата на платата на работниците на проекти од национален и стратешки интерес за РСМ, да се регулира со подзаконски акти, кои ќе ги донесе министерот за финансии во согласност со министерот за труд и социјална политика, што пак е спротивно на Законот за работни односи, зашто му се дава можност на министерот самоволно да одлучува како ќе се исплаќа платата на голем број работници кои ќе работат во иднина на стратешки и национално важни објекти во државата.

Според постоечкиот закон прекувремената работа може да трае најмногу 8 часа во текот на една недела и најмногу 190 часа годишно, а во период од три месеци не може во просек да надминува повеќе од осум часа неделно. Во новиот предлог-закон се дава можност прекувремената работа да трае подолго од 8 часа неделно и до 190 часа годишно. Исто така во предлог-законот дополнително се бара воведување на можност за работа во недела.

Според постоечкиот закон за работни односи, полното работно време не смее да биде подолго од 40 часа неделно.

Претседателот на ВМРО-ДПОМНЕ Христијан Мицкоски на вчерашната трибина во Тетово рече дека вицепремиерот задолжен за eвропски прашања Бојан Маричиќ „признал“ дека било оправдана одлуката да се злоупотреби европското знаменце за изградба на коридорите 8 и 10Д.

– Значи, оној кој треба да ја интегрира државата во ЕУ го злоупотребува знаменцето на ЕУ само за да пројде случај каде има основан сомнеж за епски криминал. А, не му кажале дека прашањето за почитување на законите и Уставот не е прашање на негова желба, туку негова обврска – рече Мицкоски.

Тој потенцира дека власта сето ова го прави затоа што на сила бутка нешто што нема никаква врска со Европска вредност туку со богатење и личен профит.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.