Предвремени парламентарни избори ќе има, граѓаните живеат се потешко а власта не знае да се справи со кризата, смета Арнаудов

Предвремени парламентарни избори ќе има. Вака како што се движи Македонија, граѓаните се потешко живеат, а власта не подготви терен да може да се одбрани од кризата, нашата инфлација е најголема во регионот, задолжувањето дојде до 70 отсто од БДП, изјави поранешниот пратеник, Ламбе Арнаудов за „Само интервју“ на Канал 5.

Истакна дека СДСМ заедно со владата на Димитар Ковачевски се пет години на власт, а немаат ниту една капитална инвестиција, додека парите ги трошат на тендери и поткуп, а во меѓувреме ја задолжуваат премногу државата под услови за кои кредитите ќе се враќаа двојно.

„Пет години се на власт, потрошија 22 до 25 милијарди евра буџетски средства, освен за поткупување на гласачи и тендери, кажете ми една капитална инвестиција да ја видиме? Сега ќе се задолжат од 900 милиони плус еврообврзница, нема држава во светот која се задолжува толку од својот БДП и ако ја ставиме инфлацијата дополнително ќе се отежни враќањето, на парите или ќе се зголеми каматата и за секој кредит ќе враќаме два кредити“, нагласи Арнаудов.

Посочи дека сите катаклизми во било кој поглед, социјални, економски, политички се случуваат во време на владеење на СДСМ, додека ВМРО-ДПМНЕ во глобална светска криза направи инфраструктура, градеше, донесе инвестиции, се отворија илјадници работни места и покажа како треба да се работи.

Во врска со протестот на ВМРО-ДПМНЕ тој истакна дека бидејќи власта не ја прифати подадената рака ќе се соочи со масовен собир на 18 јуни.