Преговорите ја спуштија цената на нафтата под 91 долар

Цените на нафтата паднаа под 91 долар на меѓународните пазари во понеделникот, бидејќи загриженоста за снабдување стивна по повлекувањето на дел од израелските војници од палестинската енклава Појас Газа и новата рунда преговори за примирје.

На лондонскиот пазар цената на барелот попладнето беше пониска за 62 центи во однос на затворањето на тргувањето на крајот на минатата седмица и изнесуваше 90,55 долари. На американскиот пазар цената на барелот се намали за 52 центи, на 86,39 долари.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) во посебен извештај објави дека во петокот барелoт од референтната нафтена кошница на нејзините членки поскапел за 1,54 долари на 91,12 долари.

Пазарите беа потресени минатата седмица од ескалацијата на геополитичките тензии на Блискиот исток по нападот врз иранскиот конзулат во сирискиот главен град Дамаск, во кој загинаа неколку високи воени функционери. Иран го обвини Израел за нападот и најави одмазда.

Израел, пак, во неделата најави дека дополнително ќе го намали бројот на војници во палестинскиот Појас Газа, а е под зголемен притисок да ја ублажи хуманитарната криза на окупираната палестинска територија, на која и се заканува глад.

Тензиите, исто така, беа намалени со обновените преговори за примирје меѓу Израел и палестинскиот Хамас, иако официјален претставник од палестинското движење во понеделникот нагласи дека тие не постигнале напредок.

Загриженоста за снабдувањето беше поттикната во изминатите десет дена поради честите украински напади врз рафинериите во Русија, но трговците беа смирени од одлуката на Москва да го намали производството, но не и извозот, како дел од договорот со членките на Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) и нивните сојузници големи независни извозници предводени од Русија познати како групата OPEC+.

Трговците, исто така, внимателно ги следат податоците од САД за да проценат кога централната банка би можела да ги намали каматните стапки, што би ја стимулирало економската активност и побарувачката за енергетски производи. Американските работодавци го зголемија темпото на вработувања во март, што значи дека Fed може да го одложи олеснувањето на монетарната политика.

„Пазарот моментално нема доволно физички показатели за да ја оправда цената на барелот во опсег од 90 до 100 долари… Сепак, потенцијалот за пад на цените е ограничен, барем засега, со оглед на експлозивната природа на актуелните геополитички кризни арени на Блискиот исток и Украина/Русија и зголемениот интерес на големите инвеститори“, смета Џон Еванс од брокерската куќа PVM.