Претседателката фон дер Лaјeн „отворена“ за прилагодувања во новата ЕК

Претседателката на идната Европска комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска одржа состанок со шефовите на парламентарните групи во Европскиот парламент.

-Имавме многу конструктивна и позитивна сесија и средба со Конференцијата на претседателите. Тоа ми даде многу доверба и поддршка за наредните денови и недели затоа што е многу важно да имаме разбирање и добри работни односи со Парламентот, изјави Урсула фон дер Лејн по средбата со претседателите на политичките партии во Европскиот Парламент.

На состанокот станало збор за големите политички прашања со кои ќе се занимава идната Европска Комисија како климатските промени и животната средина, дигитализацијата на општеството и на економијата и улогата на ЕУ во светот, истакна фон дер Лејн.

Прашања и биле поставувани и за некои од проблематичните досиеја и номинации кои ќе бидат предмет на дебати за време на сослушувањата на кандидатите за еврокомесари. Претседателката рекла дека е „отворена“ за промени, изјави Ска Келер, ко-претседателка на Зелените во ЕП.

-Имавме добра и пријателска дискусија, таа го презентираше нејзиниот органиграм, а ние поставивме многу прашања за “европскиот начин на живот“, но и други работи, таа рече дека сака да слушне сугестии и дека е отворена за прилагодувања ако биде потребно, изјави Келер по средбата.

Портфолиото „Европски начин на живот“ е проблематичен за повеќе политички партии во ЕУ поради тоа што се поврзува со миграцијата. Либералите во ЕП за сега не се задоволни од одговорите на фон дер Лајен.

-За тоа портфолио мене уште не ме убедила, иако го разбирам значењето на „европски начин на живот“, но кога го читаме нејзиното писмо не се вклопуваат јасно насловот и содржината, така што јас предлагам да го смениме името на портфолиото или да ја ревидираме содржината, а некои колеги имаа забелешки и за други портфолија, на пример Иновација и младина, нема детали за култура и образование, други посочија дека рибарството не е јасно дел од некое портфолио, таа вети дека ќе размисли за сето ова и дека ќе одговори, изјави Дачиан Чиолош од либералдемократската група „Обнова“ по состанокот.