Пријателски експеримент: Љубовна врска од 40 дена

Графичките дизјанери и пријатели од Њујорк, Џесика Волш и Тим Гудман решиле да направат необичен експеримент. Бидејќи и двајцата биле слободни и незадоволни од своите љубовни животи, решиле нивното пријателство да го претворат во пробна 40-дневна љубовна врска.

Волш и Гудман утврдиле и правила за нивната љубовна врска кои предвидувале дека нема гледање и секс со други личности, заедничка посета на психотерапевт еднаш неделно, секојдневни средби, излегување навечер најмалку три пати во неделата и еден заедничи викенд-одмор.

Се она што го доживувале за време на „експериментот“ тие го објавувале на заедничкиот блог „40 дена љубовна врска“, кој прераснал во нивни онлајн дневник.

Блогот станал многу популарен и само за неколку дена собрал над 500.000 поддржувачи. Луѓето почнале да ги препознаваат на улица и ги застанувале за да им ги пренесат своите мислења и впечатоци.

Тие признаваат дека емоциите што ги доживеале за време на „љубовната врска“ биле вистински, а Волш била фасцинирана од тоа што двајцата „ист настан интерпретирале на различен начин“.

По 40 дена, како што и било договорено, тие ја прекинале „љубовната врска“ и по тој повод на блогот објавиле видео во кое читале записи од своите дневници.

Но, само шест недели по завршувањето на експериментот, Волш го запознала „човекот на својот живот“ и на почетокот на годинава се омажила за него. На свадбата присуствувал и Гудман, со кого и натаму се добри пријатели.

Волш и Гудман решиле и да профитираат од својот екпримент, па објавиле и заедничка книга за нивното искуство од „љубовната врска“. Авторските права за нивната приказна ја откупи филмската компанија „Ворнер Брос“, која има намера да сними филм за овој љубовен експеримент.