Прогнози на ОЕЦД за светската економија, Европа ќе помине низ најлошото

Светската економија годинава нагло ќе забави поради војната во Украина, која ја намали куповната моќ на граѓаните, а Европа ќе претрпи најтешки последици, предупреди Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

Економијата во светот оваа година ќе порасне за три отсто, наместо за 4,5, во 2023 година растот би требало да биде 2,75 отсто, пресмета ОЕЦД во извештајот објавен во средата. Најтешко ќе бидат погодени европските економии, бидејќи тие се најмногу изложени на војната, преку увоз на енергија и прием на бегалци.

Економијата на еврозоната ќе порасне за 2,6 отсто оваа година, двојно помалку од 2021 година, а следната година активноста ќе забави на само 1,6 отсто. Се очекува инфлацијата да достигне седум проценти оваа година и да забави до 4,6 проценти во 2023 година, пресметаа тие.
Германската економија ќе порасне за 1,9 отсто годинава и за 1,7 отсто во 2023 година, бидејќи закрепнувањето од кризата со корона ќе биде попречено од војната во Украина и ембаргото на руската нафта. Се предвидува дека Франција ќе порасне за 2,4 отсто оваа година, и би требало да забави на 1,4 отсто во 2023 година.

Поради војната, италијанскиот БДП ќе порасне за само 2,5 отсто оваа година, по скокот од 6,6 отсто во 2021 година. Ќе забави на 1,2 отсто следната година. Се очекува Шпанија оваа година да забележи стапка на раст од 2,2 отсто поради зголемената неизвесност, високата инфлација и послабата надворешна побарувачка. Британскиот БДП ќе порасне за 3,6 отсто оваа година и ќе стагнира во 2023 година, покажуваат пресметките на ОЕЦД.
Економијата на САД ќе се зголеми за 2,5 отсто оваа година, по растот од 5,7 отсто во 2021 година, бидејќи проблемите со снабдувањето, повисоките цени на нафтата и побрзото темпо на нормализирање на монетарната политика ќе ги забават активностите повеќе од очекуваното. Во 2023 година се проценува дека растот ќе забави на 1,2 отсто.

Јапонија го успори бранот на инфекција со коронавирус омикрон, па се очекува економијата да порасне за 1,7 отсто годинава и ќе изнесува 4,4 отсто, а в година 4,9 отсто, проценува ОЕЦД.

Индиската економија е негативно погодена од војната во Украина поради нејзината зависност од увоз на енергија. Така, растот на БДП на Индија во фискалната 2022 година би требало да забави на 6,9 отсто и на 6,2 отсто во 2023 година.
Во исто време, руската инвазија на Украина ги намали надежите дека високата инфлација предизвикана од прекините на снабдувањето во пандемијата на Ковид-19 ширум светот, би можела да успори. Бидејќи Русија и Украина се водечки снабдувачи на многу суровини, цените нагло се зголемија поради војната.