Провалил во куќата на шурата за да ја убие сопругата

Тетовецот А.К.(52) ја искршил бравата за да влезе во куќата каде била неговата сопруга Х.К.(50) и ја застрелал со два куршуми, информираа од Основното јавно обвинителство Тетово, кое донесе наредба за спроведување истражна постапка против осомничениот.

Лицето на 14.10.2018 година, при вршење семејно насилство, ја лишил од живот својата сопруга. Делото го извршил во куќата на нејзиниот брат во тетовска Мала Речица, каде што влегол насилно, кршејќи ја бравата. По вербална расправија со сега починатата, кон неа испукал два куршуми од пиштол марка “ТТ“ со калибар 7,62мм, што го поседувал без дозвола, погодувајќи ја во пределот на вратот и на градниот кош. Од здобиените повреди, жената починала на лице место.По настанот, осомничениот го напуштил местото, а само неколку минути подоцна, со умисла се обидел да лиши од живот уште едно лице. Имено, додека оштетениот се наоѓал во неговото патничко моторно возило и го стартувал за да влезе во неговиот двор, од горната страна на улицата наишол осомничениот со автомобил, застанал паралелно со возилото на оштетениот и испукал кон него два куршуми од истиот пиштол. Оштетениот успеал да ги избегне куршумите, наведнувајќи се над совозачкото седиште, по што осомничениот го напуштил местото, велат од ОЈО.

Осомничениот бил уапсен вчера попладне во селото Гајре, при што полицијата од него го одзела пиштолот со седум куршуми, а со кој го извршил кривичното дело.

Ценејќи дека се исполнети сите законски основи, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово до судија на претходна постапка при Основниот суд Тетово достави Предлог за определување мерка притвор за осомничениот, велат од ОЈО.

Мотивот за убиството не е познат, но според неофицијални информации, А.К. сметал дека сопругата му е неверна и дека го изневерувала.