Општинската организација на Црвениот крст – Струга денеска се приклучи кон акцијата за помош на настраданото население од невремето што пред неколку дена ги зафати Тетово и тетовско.
Претседателката на Црвениот крст – Струга, Адуриме Даути информира дека граѓаните може да донираат вода и средства за хигиена на пунктовите во просториите на организацијата и на Градското шеталиште.
Клубот на млади постави пункт за донации во просториите на Општинската организација на Црвен крст и на Градското шеталиште. Присуствува и група студенти од Тетовскиот универзитет кои ќе ја помогнат акцијата за собирање, пред се вода за пиење и средства за хигиена и дезинфекција, рече Даути.
Граѓаните може да донираат за настраданите од невремето во тетовско и на сметката за солидарноста на Црвениот крст 300000001327966, ДБ: 4030984271620 – Комерцијална Банка, на телефонските броеви за донации 075/070/077 143-400, 100 денари од повик и во општинските организации.
Апел за помош за настраданите во Тетовско
Помош со донирање вода за пиење, средства за хигиена, храна, ќебиња е потребна за погодените домаќинства во Тетовскиот регион од завчерашното невреме.
Помошта може да се предаде во магацините на Црвениот крст во Момин Поток од 8 до 16 часот секо ден до 15-ти овој месец. Контакт телефон за предавање донација: 3096-227.
Од Црвениот крст на Република Македонија информираат дека заинтересираните правни субјекти и граѓани можат да се вклучат и со обезбедување парична помош на сметката на Фонд за солидарност: 300000001327966, ДБ: 4030984271620 – Комерцијална Банка, како и со донирање 100 денари со повик на телефонските броеви: 075/070/077 143-400.
Црвениот крст следејќи ги случувањата на терен, донираните парични средства ќе ги насочи наменски за помош на настраданото население од поплавите, се вели во соопштението.