Пусиќ: Благодарност на сите донатори, особено на Македонија

Првиот заменик премиер на хрватската Влада и министер за надворешни работи и европски прашања, Весна Пусиќ на денешната седница упати посебна благодарност до Македонија и Обединетите Арапски Емирати за помошта за санација на штетите од поплавите во источниот дел на Хрватска, јави хрватската агенција Хина.

„Ја користам можноста да се заблагодарам на сите донатори, а особено на Република Македонија, која и самата има слични проблеми како и нас, но и во тешки услови одлучи да помогне на овој начин“ -изјави Пусиќ.

Според Пусиќ, ОАЕ доделија еден и пол милион долари помош, што најверојатно ќе бидат наменети за купување контејнери, а Македонија уплати 98.550 евра.

Хрватскиот премиер Зоран Милановиќ на почетокот на седницата на Владата оцени дека санацијата на штетите тече добро и дека наскоро треба да се пристапи кон конкретни проекти.