Ранливите категории граѓани ќе добиваат по 3 илјади денари во наредните четири месеци

Владата на денешната седница донесе нов сет на антикризни мерки во вредност од 350 милиони евра за справување со енергетската криза. Премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција истакна дека дел од мерките ги опфаќаат социјално ранливите категории граѓани, невработените и пензионерите со ниски примања. Според планот, околу 42 илјади граѓани во наредните четири месеци ќе добиваат по 3 илјади денари.

– Тука спаѓаат лицата кои користат право на социјална сигурност, лица кои користат право на попреченост, родители на деца со попреченост до 26 годишна возраст, лица со потешки трајни промени во здравстевната состојба, самохрани родители како и невработени. За оваа мерка се издвоени над 8 милиони евра, изјави Ковачевски.

Над 12 милиони евра се издвојуваат и за пензионерите кои земаат пензии до 14 илјади, а со мерките се опфатени и основните и средните училишта, кои ќе се приклучат на регулиран пазар за снабдување со електрична енергија, за што се издвоени 1 милион евра. Опфатени се и здравствените установи, како и мерните станици за водни пумпи за кои е обезбедена субвенција за струја.

– Една од мерките е прширување на опсегот на компании кои се корисници на кредитно-гарантна шема на развојната банка со олеснување на критериумите за аплицирање на обртни средства за што се предвидени околу 5 милиони евра, рече Ковачевски.

Дел од мерките ќе стапат на сила со одлука на Владата, но за дел од мерките ќе треба да се преточат во законско решение кое се очекува идната недела да влезе во собраниска процедура.