Регистар на професионални онлајн медиуми за борба со парановинарите

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) денеска го промовираа регистарот на професионални онлајн медиуми – „Промедиа“. Регистарот на онлајн медиуми ќе и помогне на јавноста да ги разликува професионалните медиуми од оние кои шират пропаганда и лажни вести. Иницијативата за регистарот во кој има 67 членки, е поддржана и од Стопанската Комора на Македонија.

Регистарот е креиран според усогласени критериуми меѓу СЕММ и ЗНМ, а по пример од практиките на развиените демократски општества и Советот на Европа. При изработка на регистарот се консултирани и медиумската и бизнис заедницата во земјата. Платформата www.promedia.mk ќе биде во функција од почетокот на јануари и ќе содржи детални информации за сите членки на регистарот.

Извршната директорка на СЕММ, Марина Тунева потенцираше дека саморегулацијата е најмоќното решение за поттикнување на професионалноста на медиумите.

Критериумите според кои што се одвиваше зачленувањето во регистарот се медиумите да имаат наведно веродстоен импресум, контакт податоци и адреса, да го почитуваат Кодексот на новинарите, Повелбата за етичко известување за изборите и Статутот на Советот за етика во медиумите. Членките редовно да објавуваат информативни содржини од јавен интерес, да имаат регистрирано правно лице во државата и транспарентно да ја декларираат сопственоста. Да имаат транспарентно финансирање, да ги објавуваат одлуките на Советот за етика и редовно да се вклучуваат во процесот на медијација. На својата страница да постават банер со кој се обврзуваат дека ќе ги почитуваат принципите на Кодексот. Објавените текстови да се потпишани од автор, а доколку содржината е преземна од други медиуми, тоа да биде наведено, појасни Тунева.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски порача дека медиумите кои се дел од овој регистар ќе бидат иднината на веб новинарството. Тој изрази задоволство за добиената поддршка од Стопанската комора, која ќе ги насочува бизнисмените своите пари за реклами да ги упатуваат кон медиумите на Промедиа. Чадиковски потенцираше дека регистарот не е направен само за да им служи на бизнисмените, туку истиот ќе има широка примена.

За бизнисмените ќе значи заштита од уценувачите и непрофесионалните медиуми. За граѓаните, за публиката, многу полесно да ги препознаат оние што шират стандарди наспроти пропаганда и лажни вести, да знаат кому можат да му веруваат, а чии информации ќе ги примат со резерва. Најпосле за политичарите – еве шанса да покажете дека си ја сакате земјата со новинарски стандарди кои новинарот го прават седма сила во општеството – а не приврзоци на некоја политичка партија, смета Чадиковски.

Катерина Синадиновска, претседателката на Управниот одбор на СЕММ потенцираше дека регистарот не е даден еднаш засекогаш. Доколку медиумите кои се сега заведени ги напуштат професионални стандарди ќе бидат отстранети, додека пак оние кои ќе бидат поттикнати да се подобруваат и да ги почитуваат стандардите, ќе добијат шанса да влезат во регистарот на професионални медиуми.

Клучната идеја на самата оваа иницијатива е да се прати порака дека ние како новинари сме самите способни да си го исчистиме сопствениот двор. Ниту владата, ниту било кој друг политички или бизнис центар на моќ не може да каже што е добро новинарство. Основата на регистарот е заштита на она што е наша главна цел, а тоа се стандардите на професијата, рече Синадиновска.

Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески истакна дека Регистарот е прв обид да се направи ред во медиумскиот простор. Тој додаде дека Стопанската комора во својата корпоративна општествена свест го има етаблирано значењето на медиумите како општествен чинител и коректив на власта.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.