Реконструиран паркот кај театарот во Прилеп (ФОТО)

Со несмален интензитет продолжува уредувањето на парковските површини во Прилеп. Деновиве заврши реконструкцијата на паркот кој се наоѓа кај тетарот, тој се озелени, доби нова урбана опрема, а се изградија и дополнителни пешачки патеки од бекатон плочки.

„Граѓаните веќе подолго време ја бараа реконструкцијата на паркот кај театарот. Ги задржавме контурите на оваа површина, само се зголеми бројот на внатрешните елементи како клупи и бекатон патеки. Со ова се доби навистина едно прекрасно катче за одмор на граѓаните. Комуналец ќе продолжи и понатаму да работи и да ги освежува парковските површини во градот кои се малку запоставени“, рече Златко Ристески, директор на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп.

Овој парк е уште едно катче во градот кое ќе им служи за одмор на сите генерации, а наскоро треба да започне и изградба на водена површина со фонтана. Од локалната самоуправа на Прилеп најавуваат дека во наредниот период ќе следува уредување на повеќе парковски површини.

„Овој беше еден од поцентралните градски паркови и со ова освежување кое го направи ЈКП ’Комуналец’ сега тој е еден од најубавите паркови во овој дел на градот, кој ќе биде користен од страна на сите генерации, особено во овие летни горештини. Има уште некои работи да се дозавршат, а тоа е поставување уште дел од клупите и изградба на една водена површина со фонтана. Покрај овој парк се озеленија површините во паркот Врбенско маало, кој подоцна ќе прерасне во музички парк со поставување на одредени елементи и опрема која ќе потсетува на музика. Исто така по уредувањето на детското игралиште и паркот кои се наоѓаат позади ООУ „Гоце Делчев“ градежните работници ќе се префрлат во населбата Точила со доуредување на парковските површини во близина на ООУ „Блаже Конески“, а потоа околу септември ќе започне уредување и изградба на уште еден огромен парк исто во населбата Точила, околу зградите кои се наоѓаат над црквата Света Петка“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Напоредно со сите овие градежни работи започна и изградба на пешачки зони, а подоцна и изградба на парковски зелени површини помеѓу старите згради во населбата Бончејца.

Во последните 12 години во Општина Прилеп се изградени рекордни 200.000 м2 парковски површини. Градот доби еден современ и урбан лик каков што немал досега во историјата на неговото постоење. Со напорната работа на локалната самоуправа на Прилеп во соработка со ЈКП „Комуналец“, центарот на градот, секоја населба и маало, добија разни парковски површи и детски игралишта кои се место каде сега граѓаните го поминуваат своето слободно време.

Кога станува збор за парковите, како новина која ја немаат други градови во Македонија, треба да се нагласи и тоа дека во периодот од 2007 до 2014 година беа избушени 23 бунари со инсталирани системи и спроведена линија за технолошка вода, за полевање на парковите, инвестиција која чинеше 20 милиони денари.