Реконструкција на училишта во Кавадарци

Реконструкција на училишта во Кавадарци. Едно основно и две средни училишта во општината ќе бидат реконструирани преку проектот за подобрување на општински услуги што го спроведува Министерството за финансии, со средства обезбедени од Светска банка.

Трите училишта, ОУ „Тоде Хаџи Тефов“, Средното електромашинско училиште и Гимназијата ќе бидат реконструирани, а за овој проект ќе бидат одвоени 41 милион денари.

Реконструкција на училишта во Кавадарци
Реконструкција на училишта во Кавадарци

Во сите три училишта ќе биде сменет покривот и прозорците, а во гимназијата ќе се изврши доградба и ќе се прошири капацитетот за уште осум училници. Со ова ќе се подобрат условите за воспитнообразовниот процес за околу 2.000 деца или 40 проценти од вкупниот број на ученици во општината.

Договорот за рeконструкција на училишта беше потпишан денеска меѓу вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов.

Се работи за проект кој е добар од сите аспекти и со којшто придонесуваме во подобрување на квалитетот на образованието во Кавадарци. Заедно со општината продолжуваме со реализација и на други проекти, како што и досега помагавме во реконструкцијата на патиштата, изградбата на училиште и во изградбата на цевководот, изјави вицепремиерот Ставрески по потпишувањето на договорот, пренесе МИА.

Според него, Општина Кавадарци се движи во добра насока и се создаваат подобри услови за живот на граѓаните. Како што рече, станува збор за една од општините во кои има најмала невработеност во земјата.

Градоначалникот Панов нагласи дека со реновирањето на овие три училишта се заокружува процесот на реконструкција на сите 10 училишта во општината.

Со проектот за подобрување на општински услуги досега им е помогнато на 42 општини за што се одвоени 39,4 милиони евра.