РСЕ: Босна и Херцеговина ќе добие кандидатски статус за ЕУ

Босна и Херцеговина најверојатно ќе добие статус на земја кандидат за полноправно членство во Европската унија, утре на 13 декември, дознава Радио Слободна Европа (РСЕ), повикувајќи се на на документ до кој имаше пристап.

Овој документ ќе биде доставен на одобрување до Советот за општи работи, во кој се министрите одговорни за европските прашања.

„Следејќи ги заклучоците на Европскиот совет од 23 и 24 јуни 2022 година, а во светлината на последователната препорака на Комисијата од 12 октомври 2022 година, Советот препорачува на Босна и Херцеговина да и се додели статус на земја кандидат, со потврда од Европскиот Совет и согледувајќи дека чекорите наведени во препораката на Комисијата се преземени со цел зајакнување на владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал, управувањето со миграцијата и основните права“, стои во нацрт-заклучоците, кои се очекува да бидат усвоени од страна на министрите на крајот од средбата.

Оваа одлука на министрите потоа треба да ја потврдат и шефовите на држави на владите на земјите членки на Европската унија на самитот што ќе се одржи во четврток, на 15 декември.

„Во актуелниот геополитички контекст, Советот на ЕУ ја нагласува итноста земјата да напредува на својот пат кон ЕУ, особено преку исполнување на сите 14 клучни приоритети за отворање на преговорите за пристап во ЕУ, идентификувани во мислењето на Комисијата за апликацијата на Босна и Херцеговина за членство во ЕУ усвоена од Советот во 2019. Советот (ЕУ), исто така, ги повикува сите политички лидери во Босна и Херцеговина брзо да ги спроведат обврските утврдени во договорот постигнат на 12 јуни 2022 година и итно да ја завршат уставната и изборна реформа согласно клучните приоритети“, се наведува во нацрт-заклучоците што треба да ги усвојат министрите за европски прашања на ЕУ.

Во октомври, Европската комисија (ЕК) ја препорача Босна и Херцеговина како кандидат за полноправно членство во ЕУ, со очекување дека ќе бидат исполнети осум конкретни услови.

На самитот на ЕУ одржан на 23 и 24 јуни во Брисел, лидерите на земјите членки на ЕУ ја повикаа Европската комисија да подготви нов извештај за реформскиот процес во Босна и Херцеговина, по што ЕУ ќе биде подготвена да ја разгледа можноста на доделување кандидатски статус.

Прашањето за доделување кандидатски статус на БиХ беше покренато откако ЕУ го одобри овој статус за Украина и Молдавија.