Руралната сиромаштија сериозен проблем за Македонија

Околу 87 проценти од територијата на Македонија се карактеризирани како рурално подрачје, а во него живее 45 отсто од вкупното население, покажува Повеќедимензионалната анализа на сиромаштијата што ја изготвија Федерацијата на фармери (ФФРМ) и Македонската платформа против сиромаштијата.

Како што беше речено на денешната промоција на анализата, руралната сиромаштија е сериозен проблем за земјава.  Во 21 отсто од вкупниот број села живеат помалку од 50 жители, во 104 села има по максимум десет, а внатрешната миграција достигнува 34 проценти.

– Руралните подрачја трпат опустошување, депопулација, поради внатрешната миграција која изнесува околу 34 отсто. Тоа значи дека 34 проценти од руралното население се преселило во урбаните центри. Ако се додаде и надворешната миграција, тоа е веќе сериозен, голем проблем не само за руралните средини, туку и за државата воопшто, истакна професорката Емељ Туна, еден од авторите на анализата.

Според неа, состојбата на земјоделството е многу важен фактор кој влијае на руралната сиромаштија зашто тоа е примарна дејност на голем дел од руралното население.

– Околу 77 отсто од руралното население кое се занимава со земјоделство спаѓа во категоријата „неплатен труд“ што е уште повидливо кај руралната жена која и официјално е неактивна или, како што покажува истражувањето, 63 проценти од руралните жени се неактивни, немаат пристап до едукација, многу малку се вработени, а ако се вработени добиваат половина од платата што би ја земал маж. Руралните жени се воедно лишени од правото на имот и што е најчудно, се уште, во денешни услови, не се свесни дека се традиционално дискриминирани, нагласи Туна.

Нормите, неформалните традиции воспоставени одамна, многу тешко се менуваат, дополни професорката, поради што, рече, не може да се каже колку време ќе биде потребно за државните субвенции за рурален развој да има и да даде некаков ефект.

– Само даваме препораки, а никогаш не изнесуваме конкретни, статистички показатели за руралната сиромаштија. Сметаме дека за надминување на состојбата, односно за заживување на руралните средини најпрво е неопходно реализирање инвестиции, изготвување стратегија за заштита од климатските промени, адаптација, договорно производство,…посочи Билјана Петровска од ФФРМ, исто така коавтор на анализата.

Петровска укажа дека дополнителен проблем е и тоа што земјоделското земјиште и руралниот имот не се доволно вреднувани за да послужат како основа за добивање, земање кредити.

– Поради тоа, руралното население се третира како кредитонеспособно. Да не го спомнувам и нивото на образоване или ограничувањата на руралните жени од кои само пет отсто се сопственици на имот, а тоа е поразителна бројка, напомена Петровска.

При креирањето на политиките, подвлече, мора да се вклучат сите засегнати институции, не само Министерството за земјоделство, туку и министерствата за труд и социјала, за економија,…

Во анализата стои дека Македонија е една од најсиромашните земји во Европа. Од вкупните миграции, на внатрешни, од село во град, отпаѓаат 42,4 отсто во Североисточниот регион и 61 процент во Полошко.

Истражувањето на ФФРМ и Македонската платформа против сиромаштијата базира на официјални податоци од Државниот завод за статистика, Светска банка, Европската комисија, Фридм хаус, Транспаренси интернешнал, УНДП, Центарот за истражување и креирање политики.