Санчез ја брани амнестијата за Каталонија во име на дијалог и простување

Шпанскиот премиер Педро Санчез во средата го бранеше претстојното усвојување на законот за амнестија за каталонските сепаратисти гонети од судството, велејќи дека се потребни „дијалог“ и „прошка“ за да се „залечат раните“ од обидот за отцепување на Каталонија во октомври 2017 година, пренесуваат медиумите.

Санчез нагласи дека предлог-законот за амнестија на каталонските сепаратисти не е напад врз уставот на земјата, туку дека ја нагласува неговата сила и валидност, пренесува Reuters.

Санчез им се обрати на пратениците на почетокот од дебатата што му претходи на гласањето за неговиот втор мандат на чело на владата. Надеве дека предложената амнестија, која предизвика протести низ целата земја, ќе биде од полза за политичките лидери чиишто идеи не ги споделува и чиишто постапки ги отфрла, како и на другите кои биле вклучени во процесот.

„Ќе го гарантираме единството на Шпанија преку дијалог и простување“, изјави пред пратениците лидерот на социјалистите, кој мораше да се согласи на амнестија за каталонските партии во замена за нивната поддршка да остане на власт во текот на гласањето за доверба на новата негова влада што треба да се одржи во четврток.

Санчез е на власт по изборите во 2018 година. Опозициската Народна партија (PP) освои најмногу гласови на парламентарните избори во јули, но не доволно за сама да формира влада. Откако не успеа да ги привлече другите партии да ја поддржат нивната малцинска десничарска влада, второпласираниот Санчез со неговите социјалисти доби шанса да формира влада.

Социјалистичка работничка партија на Шпанија (PSOE) на Санчез зависеше од поддршката од партиите за независност во автономните региони на Каталонија, каде живеат 7,5 милиони, Галиција со 2,7 милиони и Баскија со 2,2 милиони. Во четвртокот, Санчез постигна договор со партијата Заедно за Каталонија (JxCAT), ветувајќи му на лидерот во егзил Карлес Пучдемонт помилување и амнестија за организирање на забранет референдум за независност во октомври 2017 година. Во петокот се договори и со Баскиската национална партија (PNV) да ѝ даде поголема автономија на Баскија, која ќе има статус на „нација“ по изборот на владата.

„Околностите се онакви какви што се и треба да се направи најдобро што можете“, рече Санчез, кој до изборите на 23 јули се спротивстави на таквата мерка, која длабоко го подели шпанското општество, пренесува AFP. Но, „амнестијата може да ни помогне да ги надминеме поделбите во Каталонија“, додаде тој.

Санчез ја повика десничарската опозиција, која во неделата собра илјадници луѓе на улиците, да биде „одговорна“. Оцени дека проблемот на опозицијата е што не ги прифаќа изборните резултати.

Доколку биде усвоен, законот ќе му дозволи на сецесионистичкиот лидер Карлес Пучдемон да се врати во Шпанија, шест години откако побегна и живееше во егзил во Белгија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.