Сатиричарот Миле Ѓорѓијоски награден на Меѓународниот фестивал за кратки сатирични форми во Бугарија

Македонскиот сатиричар Миле Ѓорѓијоски освои прва награда на Меѓународниот фестивал за кратки сатирични форми во Кубрат, Бугарија. За Ѓорѓијоски претставува чест да се биде добитник на ова меѓународно признание, кое му било соопштено на одбележувањето на Светскиот ден на книгата.

-Јас сум единствениот македонски сатиричари што има и објавено книга во Бугарија Избор на 1550 афоризми на бугарски јазик во превод на познатиот бугарски писател и сатиричар Валентин Димитров. Еве добивам награда и на фестивалот за кратки сатирични форми во соседната земја. Јас сум единствениот Македонец што победил на овој фестивал, драго ми е што оваа година така ми започна, рече Ѓорѓијоски.

Како сатиричар во 2023 година има освоено повеќе награди, меѓу кои и награда во категоријата еротски афоризми која му ја додели Организацискиот одбор на Струмичкиот карневал.

-Потоа стигна и една навистина една драга награда за мене, добитник сум на Специјална плакета на фестивалот АФКО Кочани за долгогодишен придонес за развој и популаризацијата на македонскиот хумор и сатира, за што сум благодарен на организаторите, додаде Ѓорѓијоски.

Наградата од Меѓународниот фестивал во Бугарија ќе му биде врачена на 29.04 2023 кога е превидено да се одржи фестивалот.