СДСМ: Анкета со различни броеви не може да биде релевантна туку е обид за манипулација на граѓаните

Анкетата која што денеска беше објавена има различни бројки. На почеток се тврди дека се анкетирани 1.200 граѓани, а на крај дека биле 1.067.
Анкета со различни броеви не може да биде релевантна туку обид за манипулација на граѓаните, реагираат со соопштение од СДСМ.
-Останува фактот дека вакви анкети излегуваат секогаш кога Христијан Мицкоски ќе доживее пораз на политичката сцена во земјава, кога ќе излезе спротивно од она што го говори или кога треба да се покрие некаков скандал со раце во медот.
Нарачани анкети имаше и пред изборите во Маврово Ростуше и Центар Жупа кога се тврдеше дека ВМРО-ДПМНЕ има двојна предност за на крај Мицкоски да доживее пораз, велат од партијата.

На нивното соопштение одговорија од ВМРО-ДПМНЕ. „Ја разбираме нервозата на СДС, впрочем и нема анкета на која што водат. Не е проблемот до бројките, туку до неспособноста и криминалот на владата водена од ДУИ и СДС. Бројките се само одраз на незадоволството на народот од неспособноста на Ковачевски и Ахмети.

Не може Груби од батлер во амбасада да стане милионер, или Ковачевски во јавноста да шири шовинизам и да навредува, а зад камерите да му врти броилото од бизнисот со соларни панели, и да мисли дека народот не го гледа сето ова.

Поддршката за ВМРО ДПМНЕ значи дека народот гледа надеж, а за нас тоа значи одговорност да ја извадиме земјата од калта на криминалот и неспособноста на СДС и ДУИ, соопштија од оваа партија.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.