Шариќ е најдобар млад кошаркар во Европа за 2014

Хрватскиот кошаркар Дарио Шариќ е прогласен за најдобар млад играч во Европа за 2014 година.

Шариќ, кој настапува за Анадолу Ефес, по втор пат во својата кариера го добива ова признание кое го доделува ФИБА-Европа, нешто што претходно им успеало само на Јонас Валанчиунас и Рики Рубио, кошаркари кои неколку сезони со успех настапуваат во НБА лигата.

Тој победи во конкуренција на Гркот кој настапува за Милвоки Бакс, Јанис Адетокумбо и соиграчот од Ефес, родениот Охриѓанец Чеди Осман.

Минатата сезона кошаркарот со неговиот поранешен тим Цибона успеа да ја освои АБА лигата, а учествуваше и на светското првенство за својата земја. На мундијалот тој просечно постигнуваше по 11,7 поени и 6,7 скока што беше доволно да направи трансфер во турскиот гигант под водство на Душан Ивковиќ.