Штрајкувачите се повлекуваат, наставата се одвива редовно

Наставата во најголемиот дел од училиштата во Македонија се одвива редовно. Штрајкот на првиот човек на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) Јаким Неделков, доживеа вистински дебакл, објави порталот Курир.

Со исклучок на Струмица и Куманово, општини со кои раководат луѓе на опозицијата, штрајк речиси и да нема во останатите училишта низ општините ширум земјава, наставата се одвива редовно без никакви пречки.

Наставниците редовно држат настава, учениците се присутни во училиштата, материјата се предава и процесот тече нормално без никакви проблеми. Во Штип нема никаков прекин на наставата, наставниците велат дека работата се одвива нормално и нема никаков штрајк.

-Работиме нормално. Овде нема амбиент за штрајк , работата си тече номално . На часови сме, нема најави за штрајк. Амбиентот е работен и вчера како прв ден, денеска втор, засега е нормално, вели наставник од штипските училишта

Учениците додаваат дека немале никаков прекин во наставата, вчера имале 5 часа, а денеска 7, колку што имаат и по распоредот.

-Наставата си тече нормално како и вчерашниот и денешниот ден . Започна во 7.30 во машинската струка, електро струката е од 13,30 часот. Немаме никави проблеми , немаме никави најави, наставниците се сите на настава. Во нашето училиште има 72 вработени. Од вчера и денеска , а и за во иднина немаме никој пријавено за штрајк, никој не го поддржува штрајкот. Секој си е на своите работни задачи . Сите ученици се на редовна настава и се си тече тековно, велат наставниците од Штип.

Родителите даваат поддршка за непреченото одвивање на наставата и коментираат дека штрајкот не е средство за да се дојде до некоја цел.

-Дечињата што одат во училиште се згрижени и тоа е многу олеснително за нас родителите. Освен тоа нема да се одработува во сабота или викенд, бидејќи викендот е за семејството не е за работа. Добро е што наставата се одвива нормално , во спротивно децата ќе изгубат навика и потешко ќе се вклопат, а тоа не е добро ни за нив ни за нас како родители, велат родителите.

Наставата во училиштата се одвива нормално и во Кавадарци, учениците и наставниците се на редовна настава И покрај најавениот штрајк вчера второто полугодие од учебната 2014/2015 во сите основни и средни училишта во Кавадарци започна без никакви проблеми. Според директорите и наставниците на дел од училиштата, вчера првиот училишен ден од второто полугодие започна нормално со редовно одвивање на наставата и активно работење и присуство на сите наставници на работното место. Исто беше и денеска. Децата беа во училишните клупи вредно изучувајќи ги новите лекции во новото полугодие слушајќи ги своите наставници.

Ангел Козаринов, директор на ООУ„Димката Ангелов Габерот“ вели дека наставата редовно се одвива во училиштето. Додава дека самите наставници не дале поддршка на штрајкот и сите наставници се ангажирани во држење на часови.

-Можам да кажам дека наставата започна на 20 јануари во предвидениот рок, сите наставници си дојода на своите работни места, а децата во училиште. Наставата започна редовно , еве и денес втор ден нема отсутни наставници. Наставата се одвива во нормален тек. Сите се едногласни во своите одлуки така да сега за сега наставата се одвива во нормален тек и мислам дека ќе продолжи и понатаму така, вели Петар Марков, наставник во ООУ„Димката Ангелов Габерот“.

Иван Иванов директор на СОУ„Киро Спанџов Брко“ вели дека  наставата во второто полугодие започнала редовно, а најавениот штрајк од Синдикатот не бил реализиран во тоа училиште, не бил поддржан од наставницте и се било нормално.

-Денес исто така наставата се одвива нормално во двете смени според предвидената програма и распоред, додава Иванов.

Менча Пачаџиева, претседател на СОНК во ООУ„Тошо Велков Пепето“ вели дека ниту еден од вработените не го поддржал штрајкот што беше најавен од СОНК.

-И денес наставата се одвива редовно. Сите наставници се на своите работни места , настават се одвива редовно. Ниту еден од вработените досега нема најавено штрајк, вели Пачаџиева.

Наставата редовно се одвива и во Пробиштип. Маја Миленковска, одделенски наставник во ОУ „Браќа Миладиновци“ вели дека учениците редовно присуствуваат на часовите, се си тече според планот и програмата. Никакви проблеми нема.

Родителите од Пробиштип сметаат дека настава не треба да губат учениците, секој си има право да си бара своите права, но учениците не мора да трпат.

-Јас како родител на ученик од основното училиште „Браќа Миладиновци“, не се сложувам со тоа што децата ги губат наставните програми и би сакал сите деца да редовно си ја следат наставата, бидејќи таа придонесува за нивниот развој за понатамошниот процес. Тоа за нив е нешто најдобро. Немаат трпение да ја следат наставата, бидејќи секое губење на часовите многу ќе значи во нивниот живот. Моето дете со нетрпение очекуваше да започне второто полугодие и да ги следи наставните програми со цел да се редовно дружи со своите другарчиња, бидејќи тоа е нешто најдобро за нејзе. Денеска е вториот ден од наставната програма и редовно ја следат, вели Стојче Антониоевски.

И во оние ретки училишта каде што вчера имаше мал број на наставници кои штрајкуваа, денес се забележува дека штрајкувачите се повлекуваат и му откажуваат послушност на претседателот на СОНК Јаким Неделков . Во скопските средни училишта наставата се овива нормално, од 2586 наставници, штрајкуваат само педесеттина.

Во скопската гимназија „Зеф Љуш Марку“, од вчерашните 130,  денес има само 8 штрајкувачи, во „Владо Тасевски“ од 20 штрајкувачи вчера  денеска нема ниту еден штрајкувач, во основното училиште „Аврам Пишевски“ во Карпош целосно е нормализирана наставата.

Покрај во Скопје, намалување на бројот на штрајкувачи има и во училиштата низ цела Македонија, како на пример во две училишта во Битола, додека комплетно е прекинат штрајкот во средното училиште „Мирко Милевски“ во Кичево. Штрајк нема ниту во матичното основно училиште на Јаким Неделков, ОУ „Драга Стојанова“ во с. Ракотинци, општина Сопиште.  И таму наставата се реализира во целост.

Сето ова покажува дека дефинитивно пропадна идејата на Јаким Неделков за градење лични позиции врз грбот на учениците, родителите и наставниците.