Сириски бегалец вмешан во нападите во Брисел

Дваесет и осумгодишен Сириец, кој пристигнал во ЕУ како „бегалец“, е меѓу лицата вмешани во нападите од 22 март во Брисел, објавија денеска белгиските медиуми, пренесе МИА.

Тој во септември минатата година пристигнал на грчки остров со истиот чамец, во кој се наоѓале и некои од напаѓачите во Париз лани во ноември. Неговиот вистински идентитет не се соопштува, а познато е само неговото лажно име со кое се претставувал. Негови отпечатоци се откриени во станот, каде биле подготвувани бомбите што експлодираа во Брисел.

Полицијата поседува фотографија од осомничениот и постои сомнеж дека тој е „мажот со шеширот“ од снимките со напаѓачите од аеродромот „Завентем“.

Бриселскиот аеродром засега останува и натаму затворен и не е познато кога ќе бидат обновени летовите. Метрото во Брисел денеска почна да работи со ограничен режим, при што се отворени само 30 од 69-те станици.