Систем капка по капка на оризовите полиња во кочанско

Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси кофинансиран од Владата на Швајцарија  го одбележа отпочнувањето на проектот „Одржливо производство на ориз во Кочанско“, со демонстрација на еден од првите два система за наводнување капка по капка во Македонија.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков на пригоден начин на оризовите полиња во кочанско го пушти во употреба Системот капка по капка за производство на ориз.

– Ова е проект на УСАИД за експанзија на мали бизниси во чии рамки го означуваме почетокот на новата иницијатива за рурален развој „Одржливо производство на ориз“ преку која оваа година експериментот е обезбеден токму на оризовите полиња на Институтот за ориз во Кочани, рече Цветков.

Придобивките се големи, покрај наводнувањето ќе има и ѓубрење со што ќе се придонесе за производство на поголеми количини  ориз од единица површина. Со ова, рече Цветков, оризопроизводителите ќе добијат соодветна цена и ќе бидат конкурентни на пазарот.

Во кочанското поле како производен регион може да се засеат над 9.500 хектари под ориз, моментно површините под ориз изнесуваат 4.850 хектари што значи 60% од површините на кои треба да се сее оризот. Министерот Цветков зборувајќи за пласманот и обезбедените пазари за ориз истакна дека произведените количини ориз треба да бидат конкурентни на пазарот. Минатата година беше рекордна во оризопроизводството па оттука имаме проблеми со откупот и пласманот на оризот.

– Институтот за ориз во Кочани продолжува  со испитувањето и добивањето нови сорти ориз, кои ги бара пазарот. Вакви опитни полиња како што е ова во Кочани планираме да направиме во сите земјоделски региони во државата. Во Ресен ќе направиме опитен регион од јаболков насад при што ќе примениме највисока технологија и наука. Ќе направиме опитен полигон и за житните култури во Пелагонија, во Кавадарци ќе работиме на лозовите насади и во Струмичко ќе работиме на градинарските култури. Наша интенција е да направиме земјоделско стопанство кое ќе биде одржливо за самите земјоделци, рече Цветков.

Цветков зборуваше и за окрупнувањето на земјоделското земјиште кое за почеток ќе го направиме токму во Кочани на оризовите полиња.

– Работиме на окрупнување на 400 хектари земјоделско земјиште за која намена имаме 3 милиони евра од ИПА програмата со што наскоро чќе почнеме со реализација на проектот.

На новинарско прашање до каде е постаката за интервентен откуп на оризот и колкви количини ќе бидат откупени министерот Цветков рече дека се очекува денеска на седница на Влада да помине барањето на земјоделците да им се плати додатна вредност за килограм предадена арпа во откупните капацитети.

Градоначалникот на Кочани Ратко Димитровски ја поздрави иницијативата на УСАИД за експанзија на малите бизниси преку отпочнување на проектот Одржливо производство на ориз и наводнување по Систем капка по капка.

Добре Андов од Институтот за ориз во Кочани истакна дека овој проект е поставен на површина од 0,3 хектари и со овој експеримент сакаме да направиме споредба со традициналното производство на ориз на отворено поле. Очекуваме да добиеме позитивни резултати кои како научна институција ќе им ги предложиме за земјоделците во понатамошното производство на ориз.

За Марјана Шушлевска од Програмата за зачувување на природата на Македонија овој проект е во рамките на соработката што ја имаме воспоставено со УСАИД. Со овој проект предвидуваме иновативни техники во оризпроизводството. Покрај системот капка по капка имаме експерименти поставени за увид на резултати користејќи технологии со расадување.

За Татјана Марковска од УСАИД проектот ќе придонесе за успешна соработка со Институтот за ориз и за квалитетно оризопроизводство.