Смена на Јаневски бара и Независната угостителска комора

Независната угостителска комора (НУК) се приклучува кон барањето за смена на директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски и за избор на нов директор на предлог на реалниот сектор.

Од НУК предлагаат да се изврши и промена на името на институцијата во Агенција за поддршка и промоција на туризмот и угостителството со што во иднина и угостителскиот сектор ќе биде рамноправно вклучен во активностите за промоција и поддршка на национално ниво.

– Причината поради која и НУК се приклучува кон ова барање е што изминатите месеци оваа година во период и во услови кога сме соочени со здравствена криза – пандемија ковид-19 со која угостителската индустрија трпи енормни штети и последици, од страна на АППТРСМ не се превземени никакви конкретни активности и мерки за угостителите поготово учество и/или посредување во комуникацијата со угостителите и со Владата на РСМ и Комисијата за заразни болести со кои би можеле навреме да укажеме за многу недоследности во донесените мерки и протоколи за работа на угостителските објекти – велат од НУК.

Забележуваат и дека во ниту една од рекламните кампањи што Агенцијата ги има направено, не се вклучени угостителите и угостителската индустрија.

– Угостителите се неспорно главни двигатели во промовирање и одржување на традиционалната македонска кујна и гастрономија кои несебично допринесуваат и во одржувањето и негувањето на традиционалните македонски обичаи. Да не заборавиме дека угостителската индустрија учествува со повеќе од 50 проценти од приходите од туризмот во РСМ – нагласуваат од НУК.

Поддршка за ова нивно барање очекуваат од претседателот на државата и премиерот, како и брза реакција на Владата за реализација на овие нивни барања.

Иницијативата за оставка на директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот потекна од Здружението на угостителството и туризмот при СКМ, Туристичко-угостителската комора на Македонија и Националната асоцијација за дојдовен туризам – НАИТМ.