Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, предупредуваат од министерството за здравство

Министерството за здравство ја објави во петокот анализата на вакцинирани, од позитивни случаи со Cofvid-19, во периодот од 6-ти август заклучно со 9-ти септември. За вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и минале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.

Во период од 06.08 до 09.09.2021 на територија на државата 26.053 граѓани, се позитивни од тестирани на Covid-19, од нив 19% биле целосно вакцинирани, односно 5175 лица. Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со Ковид 19. Според статистика за изминативе пет недели, 20.878 граѓани, односно дури 80% од позитивните на коронавирусот не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 84%, додека само 16% од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани.

Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од пет седмици на територија на државата починале 678 лица со Ковид 19, 591 пациент (87%) од починатите не биле вакцинирани, а само 87 (12%) примиле вакцина. Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања.

Заразените и починатите се вакцинирани со вакцини што ги има на располагање во Македонија, како и вакцини „Moderna“ и „Johnson&Johnson“, кои некои од пациентите ги примиле во странство.