„Со доверба до подобра услуга“ до ажурирање на личните податоци

Дирекцијата за заштита на личните податоци, ЕВН Македонија, Снабдување со топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ – Скопје, јавното претпријатие Водовод и канализација – Скопје и Македонска Радио Телевизија отпочнаа со реализација на заеднички проект „Со доверба до подобра услуга“ чии активности се насочени кон ажурирање на збирките на личните податоци на граѓаните, корисници на услугите како и нивните обврски за давање на личните податоци во контекст на исклучоците од примената на Законот за заштита на личните податоци.

Компаниите кои ги обезбедуваат јавните услуги се одговорни за обработката на личните податоци на корисниците и за роковите на нивното чување, но корисниците исто така имаат обврска да обезбедат точни и целоси податоци но и да се инфромираат за тоа кои се останатите обврски согласно законите и договорите кои ги склучуваат.

Личните податоци на корисниците треба да бидат обработувани правично и во согласност со закон и да бидат соодветни, релевантни и не преобемни во однос на целите заради кои се собираат и обработуваат. За целосно почитување на ова начело, ажурирањето на личните податоци ќе се врши со пополнување на формулар кој на граѓаните ќе им биде доставен заедно со следните сметки, а кој граѓаните ќе може да го остават во означените кутии во некој од наплатните пунктови на ЕВН Македонија, Снабдување со топлина Балкан Енерџи Груп ДООЕЛ – Скопје или ЈП Водовод и канализација Скопје.

Преку реализацијата на овој проект, Дирекцијата за заштита на личните податоци, ЕВН Македонија, Снабдување со топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ – Скопје, ЈП Водовод и канализација – Скопје и ЈРП Македонска Радио Телевизија  ја истакнуваат заедничката заложба за достигнување воедначена заштита на личните податоци на граѓаните преку правична обработка и ажурирање на личните податоци кај давателите на јавни услуги на целата територија на Македонија и натамошен развој и подигнување на степенот на соработка во иднина, подобра заштита на граѓаните како и подигнување на општествената одговорност на давателите на јавни услуги кон граѓаните и заедницата.