Сомнеж за ебола кај три лица во Босна и Херцеговина

Постои сомнеж дека три лица во Босна и Херцеговина се заразени од ебола, пренесуваат босанските медиуми.

Според податоците на Министерството за цивилни работи на БиХ и Институтот за јавно здравство на Република Српска три лица се ставени во карантин бидејќи дошле од земјите погодени со овој вирус.

Како што јавува Федералната телевизија пред неколку денови се одржал состанок на претставниците на аеродромот во Сараево, Граничната полиција на БиХ и Федералната гранична инспекција на кој е договорено да се изработи Општ водич за превенција од вирусот ебола.

Микробиологот Мирсада Хукиќ, член на Европската мрежа за контрола на вирусни болести, изјави за медиумите во БиХ дека во земјата не постојат посебни здравствени установи за сместување и лекување на заразени лица, ниту лаборатории во кои би можело да се потврди присуството на вирусот.

– Поставувањето дијагноза е скапо и комплицирано. Ако вирусот се појави во БиХ веднаш треба да се изолираат болните, а примероците кои се сомнителни да се транспортираат во специјални услови во некои други лаборатории, појасни Хукиќ.