Спасен американскиот спелеолог во Турција по неколкудневна меѓународна спасувачка операција

Американскиот спелеолог Марк Дики, кој беше заробен во пештера во Турција, на длабочина од повеќе од 1.000 метри, е изваден на површината по неколкудневна меѓународна спасувачка операција, соопшти утринава Турската спелеолошка асоцијација (ТУМАФ).

ТУМАФ на платформата Х објави дека операцијата за спасување е успешно завршена.

Италијанските спасувачи рекоа дека Дики бил однесен во медицинскиот шатор на кампот на проверки.

Координаторот за спасување истакна дека здравствената состојба на Дики е добра, но дека не може да се храни преку уста и оти хранливи материи прима по интравенски пат.

Дики (40) бил на меѓународна истражувачка мисија во пештерата Морка, во планините Бик во јужна Турција, кога доживеал гастроинтестинално крварење. Тој во тоа време бил на длабочина од 1.040 метри, бил премногу слаб за сам да се искачи до излезот, па спасувачите морале да го изнесат на носилки.

Повеќе од 150 спасувачи од Турција, Хрватска, Италија и други земји учествуваа во спасувачката операција која траеше девет дена.