Списание „Окапи“: Мајката избрана за „Жена на годината“

Во истражувањето на француското детско списание „Окапи“, основците и ја доделија титулата „Жена на годината“ на мајката, која освои повеќе гласови и од шведската активистка за климата Грета Тунберг, јави дописникот на МИА.

„Окапи“, списание за млади основци и средношколци, го спроведе испитувањето кај повеќе од 400 деца на возраст меѓу 11 и 14 години, поставувајќи им го прашањето: „Според вас, која жена ја заслужува титулата Жена на годината за 2019 година? Да ви дадеме идеи, можете да наведете некого од политиката, спортот, животната средина, уметноста (музика, кино, литература, интернет …), итн“. Најмногу од одговорите гласеле „мојата мајка“.

Дали ова треба да се сфати како знак дека тинејџерите, кои ги бие глас дека се неблагодарни, конечно ја препознаваат целосната инвестиција на мајките во нивното образование или дека семејниот живот станал розов, се наведува во коментарот на списанието.

– Точно е дека воопшто не очекувавме ваков одговор, признава Кристоф Фернандез, новинар во „Окапи“, додавајќи дека соочени со глобалните предизвици, интервјуираните тинејџери конечно почнуваат да се потпираат на нивната „секојдневна хероина“, онаа што ја знаат најдобро и која е секогаш тука за нив.

Но, тоа не е единственото изненадување во пласманот. Името на првата дама на Франција, Брижит Макрон ја зазеде четвртата позиција. По бројот на гласови, таа се најде пред личности, кои логично се попривлечни за младите, како на пример Лејди Гага (петта), Аја Накамура (шеста) или фудбалерката Еужени Ле Сомер (седма), првата жена спортист.

Но, Кристоф Фернандез повторно релативизира и вели дека „на оваа возраст, младите знаат малку за политиката. Брижит Макрон, која е многу присутна во медиумите, претставува едно од ретките познати лица“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.