Стабилноста на денарот е зацементирана!

Македонскиот денар е стабилен, граѓаните и веруваат на домашната валута, штедат во денари, банките се со висока ликвидност и стабилноста не е доведена во прашање. Народната банка, економистите и власта ставија крај на неоснованите шпекулации кои беа пласирани од одредени кругови за да и се наштети на домашната економија.

Да биде иронијата поголема, злонамерните невистини кои се пласираа со цел да се создаде паника меѓу населението доаѓаат во време кога банките бележат зголемување на штедните влогови на граѓаните. Податоците покажуваат дека населението во март во банките чувало 3,47 милијарди евра, односно за 12 милиони повеќе во однос на претходниот месец, а  поголем дел од заштедите се во денари, што сигнализира дека се зголемува довербата во денарот, пишува Лидер.

Македонија 19 години има стабилен курс на денарот. Во овие 19 години бевме соочени и со многу поголеми предизвици од овие сега, така што укажавме дека Народната Банка има капацитети и може да испорача ценовна стабилност, стабилност на курсот на денарот и сигурност на банкарскиот систем. Така што не треба да има загриженост околу ова, не треба да се верува на шпекулациите. Значи инфлацијата во Македонија останува многу ниска, курсот на денарот останува стабилен, банките остануваат најсигурно место за штедење, порачува гувернерот Богов.

Кој и зошто проба да создаде непотребна паника?

Единствена цел на шпекулациите за денарот е да се создаде паника, смета Народна банка. Од НБРМ соопштуваат дека Банката има моќни инструменти за да се справи со секое сценарио, но дека воопшто нема потреба од тоа, бидејќи ситуацијата е поволна. Сепак, гувернерот Богов смета дека ова не се индивидуални напади, туку оркестрирани шпекулации.

Имало шпекулации во минатото, има и сега. Секогаш, тие шпекулации се покажале како неосновани. Ги повикувам граѓаните воопшто да не веруваат на таквите шпекулации. Она што го забележавме сега, за разлика од некои други вакви епизоди (на пример, имаше и минатата година, имаше и во 2009-та година, имаше и во 2001-та година), сега овие шпекулации се посилни и се оркестрирани, вели Богов.

Банките имаат висока ликвидност, депозитите сигурни

Домашните банки јавно им порачаа на граѓаните дека нивните влогови се сигурни и дека нема никаква потреба за загриженост. Од Здружението на банкарство велат дека банкарскиот систем е најздравиот дел од нашата економија, банките имаат вишок ликвидни средства и се подготвени да ги сервисираат сите потреби на граѓаните, штедните влогови се сигурни и стабилни.

Банкарскиот систем поседува висока капитализираност, адекватноста на капиталот е речиси два пати поголема од пропишаниот законски минимум, и како и во изминатиот период така и сега банките располагаат со висока ликвидност, вели претседателот на Здружението, Коста Митровски.

Банките ги гарантираат штедните влогови, граѓаните во секое време можат да располагаат со своите пари и заштеди.

Во името на моите колеги кои ги водат домашните банки, сакам да ги известам граѓаните дека штедните влогови што ги имаат во банките им се сигурни и стабилни, вели Митровски.

Гувернерот Богов вели дека кога се пласираат вакви шпекулации со цел да се создаде паника, жртва се граѓаните кои ќе поверуваат во овие неосновани тврдења.

Девизи има, но тие што ќе ги разрочуваат сега депозитите, ќе купуваат девизи, ќе изгубат, како што изгубија и минатата година, како што изгубија во 2009-та година. Апелирам дека нема простор за загриженост, курсот е целосно под контрола, денарот останува стабилен, банките остануваат сигурни, дури и најсигурно место за штедење, порача Богов.

Економисти – шпекулациите се неосновани

И домашните економисти сметаат дека се потполно неосновани шпекулациите за девалвација на денарот како последица на политичката криза, бидејќи економските показатели за земјава се поволни и оттука нема причина за загриженост. Професорите апелираат да не се шират дезинформации.

Секоја јавна личност треба многу да внимава што јавно говори за вакви сензитивни прашања, како што е прашањето за курсот на денарот, со девизните и со денарските депозити. Секој изговорен збор може многу да ја чини Република Македонија, вели поранешниот гувернер Љубе Трпески.

Дека нападите се орекстирани упатуваат и уште неколку класични шпекулации кои се пласираа во овој период, како на пример онаа дека наводно вратите на меѓународните финансиски институции ни се затворени, што е потполна невистина.

Првите информации што излегоа на некои медиуми беа дека Светска банка го прекинува финансирањето на Македонија. Ова не е точно. Таа веќе го одобри кредитот кој требаше да биде ефективен по изборите. Потоа, ние ги одложивме изборите, а тоа е наш внатрешен проблем, од политички причини тие се одложија од април за јуни. Не се прекинати целокупните финансирања на Светска банка и ММФ. Вистината е дека бордот на Светска банка на почетокот на јануари го одобри кредитот за поддршка на општините за Македонија во износ од 28 милиони американски долари. Во тој период изборите беа планирани за 24-ти април, а бидејќи 60 дена пред тоа настапува период на техничка влада, односно се распишуваат изборите, со Светската банка беше договорено, кредитот да стане ефективен веднаш по изборите. Истото го прави Светската банка и со други земји во слични ситуација, објаснува вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

Овие шпекулации кои наменски се пласираат во овој период укажуваат дека одредени центри прават обиди да ја доведат во прашање стабилноста на економијата.

Има некои некакви интереси, би рекол подмолни, за да се наруши таа стабилност. Еве и сега ни се случува и со дезинформации во однос на кредитните аранжмани на Република Македонија со Светска банка, нешто што е нормално, што се случува во минатото во континуитет. Да се вратиме наназад уште во 90-тите години, кога еве и јас бев активен учесник во преговорите со светските финансиски организации, најчесто се велеше кога ќе дојде време на избори треба да се воздржиме да не зафаќаме нечија страна, вели универзитетскиот професор, Томе Неновски.

Сепак, штета веќе трпиме. Проценките на Ставрески се дека ако немало политичка криза, тогаш македонската економија би пораснала меѓу 4 до 5 проценти.

Политичката криза мора да има завршница, бидејќи во спротивно и најјаката економија на светот не би можела да издржи долгогодишна криза. Вистинска штета е што добро поставените економски политики не можат да резултираат со економскиот раст кој Македонија има потенцијал да го оствари. Македонската економија во моментов има потенцијал да расте со стапка од 4 до 5 проценти, вели Ставрески.

ИЗВОР: ЛИДЕР.МК