„Стандард“: Доколку Софија го прифати францускиот предлог, Советот за општи работи на ЕУ утре ќе ја одобри преговарачката рамка со Скопје

Доколку Софија вечерва даде позитивен одговор за предлозите на француското претседателство за решавање на спорот меѓу Бугарија и Република Македонија, утре се очекува Советот за општи работи на ЕУ да ги одобри преговарачките рамки и придружните документи за Скопје и Тирана, а на Самитот за Западен Балкан в четврток да бидат одредени датумите за почеток на преговорите, наведува софиски „Стандард“.

Весникот потсетува дека постојаните дипломатски претставници на земјите членки на ЕУ ќе се сретнат вечерва во Луксембург за да разговараат за т.н. „француски предлог“ за решавање на спорот меѓу Бугарија и Македонија и за почеток на преговорите со Скопје и Тирана за членство во Унијата, при што ставот на Бугарија за преговарачката рамка предложена од Франција како претседавач со ЕУ се очекува да го изнесе Комисијата за надворешни работи на бугарското Народно собрание, откако Владата во Софија на 15 јуни реши сите одлуки во врска со спорот со земјава да им ги препушти на бугарските пратеници.

„Стандард“ тврди дека во поднесениот предлог на француското претседателство и европските институции се прифатени повеќето барања на Бугарија за Македонија и тие се вклучени во преговарачката рамка.

– Промената на Уставот на Македонија ќе обезбеди почитување на правата на Бугарите во земјата, а Европската комисија ќе врши мониторинг на процесот, што ги вклучува и дискриминацијата и говорот на омраза, наведува весникот.

Во меѓувреме, потпретседателот на бугарското Собрание и поранешен министер за надворешни работи Кристиан Вигенин оцени дека „францускиот предлог“ е најдоброто решение понудено од 2019 година, па досега.

Вигенин синоќа гостувајќи во Нова ТВ изјави дека предлогот првпат ги содржи речиси сите прашања кои Бугарија ги смета за проблематични, а се однесуваат на говорот на омраза и правата на Бугарите во Република Македонија.

– Има мониторинг механизам кој ќе ги следи овие прашања. Во однос на Бугарите таму, најдено е решение кое мислам дека е најдобро, изјави Вигенин, кој е член на Бугарската социјалистичка партија.

Сепак, според него, одлуката околу повлекувањето на бугарското вето за земјава не треба да ја донесе само Парламентот, туку е потребна поширока дебата во јавноста.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.