Стопанство „крвари“, Владата молчи

Отпуштање на работници, преполовување на платите се само мал дел од проблемите со кои се соочуваат македонската економија соочена со последиците од коронакризата. Стопанствениците гласно повикуваат Владата да преземе итни чекори да им помогне на компаниите кои се најпогодени од кризата со цел да се спасат работните места.

По низа синдикати и комори, денеска со барања за помош и предлог мерки излегоа занаетчиите и транспортерите.

Од Занаетчиската комора бараат ослободување од плаќање придонеси додека трае пандемијата со корона вирусот, субвенционирање на платите за сите занаетчии, ослободување од плаќањето аконтација на данокот за личен доход, како и вклучување на занаетчиите во кредитните линии на Македонската банка за обнова и развој.

Од Услужната комора на Македонија побараа итно донесување на мерките бидејќи од тоа зависи дали компаниите ќе прекинат со работа или не.

„Во овие вонредни времиња, Услужната комора апелира на пролонгирање на рокот за регистрација на товарните и патнички моторни возила до завршувањето на кризата, бидејќи претставува дополнително оптоварување и трошок како за компаниите, така и за сите граѓани, а со тоа и осигурителните компании да ја продолжат важноста на полисите за истиот рок“, вели Филип Манојловски од Услушната комора на Македонија.

Транспортерите бараат и генерално одложување на обврските за рати на кредити во овие 3 месеци во целост, а истото да се примени и кај лизинг обврските. Тој побара и обврската на компаниите за исплата на К-15 за вработените да се одложи со уредба за наредната година или да се укине ваквата обврска за годинава.

Според предлог мерки излезе и опозицијата. Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски викендов предложи неколку мерки кои Владата може да ги преземе со цел да обезбеди дополнителни средства за помош на државата – како запишување на државни хартии од вредност наместо благајнички записи, пренасочување на средствата од вториот пензински во првиот, државен, пензински фонд. Тој предлага наместо платите на администрацијата да се израмнат на минималецот од 14,500 денари во април и мај, како што предложи СДСМ, да се направи само кратење од 10 отсто на мартовската плата.

Засега помоштта која ја спроведува владата се безкаматни кредити за најпогодените фирми. Овие мерки беа оценети и како недоволни, а дали новите кои се очекуваат денеска ќе ги спасат работниците од отпуштање, а фирмите од колапс, ќе биде појасно откако ќе бидат презентирани.

Србија и Словенија за пример – огромна финасиска помош и за компаниите и за граѓаните

За споредбата Србија и Словенија веќе излегоа со конкретни мерки за помош на компаниите и граѓаните.

Српските власти одлучија секој граѓанин да добие по 100 евра помош од државата без разлика дали е вработен, невработен или пензионер. За оваа цел владата на Србија ќе издвои 520 милиони евра од буџетот. За фирмите кои нема да отпуштат повеќе од 10 проценти од вработените, ќе има економска помош. Понатаму, на секој фризер, чевлар, пекар, на сите вработени во нивните компании, државата ќе им исплати минимална плата. Фризерот не може во овој момент да заработи пари, но ќе има да плати минималец и за себе и за неговиот вработен.

Словенија донесе мега „корона закон“со кој граѓаните и компаниите ќе добијат директна државна финансиска помош од три милијарди евра. Според одлуката, сите самовработени, кои поради епидемијата не можат да остварат соодветен приход, ќе добијат помош од 700 евра, а државата ќе им ги плати и придонесите. Помош од државата во висина од 150 евра ќе добијат и сите редовни студенти во Словенија. Додаток на плата во висина од 100 евра ќе добијат и семејствата со три деца, а оние кои имаат повеќе ќе добијат државна помош од 200 евра месечно. Државни пари на сметка ќе добијат и пензионерите, а висината ќе зависи од тоа колкава им е пензијата.