Свечена академија по повод Денот на независноста

Вечерва  во Македонскиот народен театар, по повод 8 Септември – Денот на независноста на Република Македонија, ќе се одржи свечена академија под покровителство на претседателот на Собранието на РМ, Трајко Вељаноски.

На академијата е поканет државниот врв на Република Македонија, пратениците и министрите од првиот состав на Собранието, дипломатскиот кор во Република Македонија, како и претставници од сите сфери на политичкиот, културниот, научниот и економскиот живот.

Република Македонија утре одбележува 23 години од успешно спроведениот референдум на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава. Убедливо мнозинство, над 95 отсто од граѓаните што излегоа на референдумот на 8 септември 1991 година, позитивно одговорија на референдумско прашање „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.