Свети Климент Охридски Чудотворец , заштитник на градот Охрид и ученик на македонските просветители

Свети Климент Охридски ќе остане запаментен како првиот македонски архиепископ  и творец на далеку познатата Охридска книжевна школа. Тој е најзначајниот македонски средновековен писател и педагог. Со својата активност и со своето дело на повеќе полиња,црковно, просветно, книжевно, тој стана заслужен не само за македонскиот народ туку и за целиот христијански свет.

Неуморен, вреден, мудар…

Свети Климент се родил околу 840 година некаде во Македонија. Некои историчари сметаат дека се родил во Солун, или во неговата околина, а тоа го поврзуваат со фактот дека уште како млад бил повикан од Светите браќа Кирил и Методија во нивната мисија , што значи дека најверојатно живеел во нивна близина.

Подоцна, тој учествувал и во преведувањето на светите богослужбени книги од грчки на црквенословенски јазик. Заедно со светите браќа отпатувал во Панонија и Моравија, каде  учестувал во мислијата за словенска богослужба и словенско Православие. Бил еден од истакнатите учители на младенците од Моравија и Панонија, кои се подготувале за свештеници и ѓакони. По смртта на своите свети учители, под притисок на Германците, а по Божја промисла, заедно со другите ученици  тргнале на југ, како гостин при кнезот свети Борис Михаил и потоа дошол во охридскиот крај, за да го учи својот народ на божјите вистини. Таму св. Климент прво основал манастир во Белица, кај што му било и првото епископско седиште.

Подоцна се преселил во Охрид и оттаму развил голема архипастирска и просветителска дејност за целата поблиска и подалечна околина.

Неуморно одел од село до село, од град до град и на разбирлив народен јазик со своите боговдахновени проповеди го разгонувал мракот од умот и срцата на своите сонародници. Често говорел за тоа дека нема добродетелен христијански живот без чисто верско-догматско учење и дека најчистото догматско учење не е спасоносно ако не е проследено со богоугоден добродетелен живот. Првото го споредувал со слепец кој има раце и нозе, а второто со човек што има раце и нозе, а нема очен вид. Во Охрид Свети Климент му подигнал црква на Свети Пантелејмон.

Бидејќи бил свесен за тоа оти со својот жив говор може да допре само до своите слушатели, а не до целиот народ и генерациите што ќе дојдат по него, тој основал универзитет во Охрид, прв од таков вид не само на Балканот, туку и во целиот тогашен словенски свет. Низ оваа висока просветна богословска институција, во текот на триесет години, поминале околу 3.500 ученици, на кои им биле откриени длабоките вистини на Светото Писмо и на Светото Предание. Никој никогаш не го видел Св. Климент да се одмора, туку напротив – постојано бил зафатен со работа: на едни им ги покажувал буквите, на други им ја држел раката при пишувањето, а на трети им ја објаснувал длабоката смисла на напишаното. Честопати вршел и две работи одеднаш: и деца учел, и книги пишувал. Поголемиот дел од своето време го употребувал за молитва и богомислие. Тој знаел, а и другите постјано ги учел, дека мрзливоста е мајка и учителка на секое зло.

Прв епископ словенски

Неговата слава сѐ повеќе растела и гласот за овој голем духовник и проповедник се слушал на далеку. Затоа бил хиротонисан за прв епископ словенски. Во неговото житие се вели дека не им давал сон на своите очи, ниту дремка на своите веѓи. Учел и дење и ноќе, утврдувајќи ги верните во вистините на христијанската вера и богоугодие. Се грижел и за телесната храна на сиромашните, вдовиците и сираците. Напишал беседи на сите неделни и празнични денови на прост и јасен јазик, така што секој можел да ги разбере вистините кои ги учел.

Се трудел педесет години во извршувањето на Божјото дело и вршел чуда и за време на земниот живот. После големиот труд и верната служба на Бога, се упокоил мирно во Охрид, на 9 август 916 година. Господ го прославил со светителски ореол. Неговите земни остатоци станале чудотворни мошти, од кои по Божја благодат се лекуваат низ векови многу телесно и душевно болни кои пристапуваат со вера и љубов. Неговите мошти се чуваат во охридската црква „Свети Климент“ – „Света Богородица“ – Перивлептос во Охрид.

Свети Климент е закрилник и патрон на македонскиот народ низ целата негова историја. Тој е патрон на Македонската Православна Црква, на Македонската Православна Богословија и Богословскиот факултет, како и на голем број просветни и научни институции во нашата земја. На него се посветени и голем број новоизградени цркви и манастири во европските и прекуокеански земји.

Заштитник на градот Охрид

Свети Климент Охридски е заштитник на градот Охрид и целиот охридски крај. Преданијата раскажуваат дека секогаш кога над градот и околината ќе се надвиснела некоја несреќа се јавувал духот на светецот и го спасувал градот од разурнување, а народот од страдање.

Во преданијата свети Климент најчесто се среќава со свети Наум Охридски, со кого најчесто се претставени како браќа. Некои истражувачи сметаат дека тоа се однесува на браќа во духовна смисла – собраќа, но повеќемина се склони да тврдат дека свети Климент и свети Наум навистина биле родени браќа. Не само затоа што свети Климент бил епископ, а свети Наум презвитер, а во православната црква епископ и презвитер никогаш не се нарекувале браќа, туку и поради некои други показатели.