Светски лидери го критикуваат говорот на Трамп на Генералното собрание

Челници на неколку земји членки на Обединетите нации го критикуваат говорот на американскиот претседател Долналд Трамп на Генералното собрание во кој Иран го вклучи во „малата група ужасни режими“ и предупреди дека САД, доколку мораат, „тотално ќе ја уништат“ Северна Кореја.

„Говорот на омраза на Трамп му припаѓа на средниот век“, соопшти иранското министерство за надворешни работи цитирајќи го својот шеф.

Допрва се очекува одговорот на Северна Кореја на заканата од американскиот претседател Доналд Трамп со уништување на оваа изолирана комунистичка земја.

Американскиот челник изнесе визија на светот составен од суверени земји кој работат за доброто на своите граѓани, но голем дел од неговото излагање на Генералното собрание на ОН го посвети на нападот на „ужасните режими“ на Северна Кореја, Иран и Венецуела, забалежуваат во коментарите светските медиуми.

„Тоа претставуваше погрешен говор, во погрешно време и пред погрешна публика“, изјави шведската министерка за надворешни работи, Маргот Валстром.

Во својот говор на годишниот собир на светските челници во Њујорк, американскиот претседател ја искористи можноста во својот 41 минута долг говор да ги нападне ирански нуклеарни и регионални амбиции, економијата којашто крахира во Венецуела и заканите од исламистичките терористи, а ја критикуваше и кубанската влада со којашто неговито претходник започна затоплување на повеќе од половина век прекинатите односи.

Зборувајќи за Иран, Трамп повика на повторни преговори за нуклеарниот договор од 2015 година кој го водеше неговиот претходник Барак Обама. Со оваа спогодба меѓу Техеран и шесте светски сили, од кои петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН – САД, Русија, Кина, Велика Британија и Франција плус Германија, беа укинати децениските економски санкции во замена за ограничување на иранската нуклеарна програма. Трамп овој договор го нарече „смрамотен“ и навести дека нема повторно да го потврди кон средината на октомври.

Во врска со ситуацијата во Венецуела, американскиот претседател тамошната лоша состојба ја опиша како „целосно неприфатлива“ и додаде дека САД не можат да стојат настрана и само да набљудуваат. Предупреди дека Вашингтон ќе разгледува натамошни чекори.

Министерот за надворешни работи на Венецуела, Хорхе Ареаза, ги отфлри „заканите“ од Трамп. „Тој не е претседател на светот…., па тој не може да управува ниту со својата сопствена влада“, возврати шефот на венеуцелската дипломатија.

Боливискиот претседател Ево Моралес, кој е левичарски сојузник на владата на Венецуела, на Twitter напиша: „Не ме изненадува тоа што мултимилијардер како Трамп го напаѓа социјализмот. Нашата борба секогаш ќе биде идеолошка и прагматична“.

Францускиот претседател Емануел Макрон, кој исто така имаше говор на Генералното собрание на ОН, го брани нуклеарниот договор со Иран. „Поништувањето на договорот би претставувало страшна грешка“, истакна Макрон.

Меѓутоа, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го поддржа Трамп велејќи дека договорот со Иран треба да се менува или сосема да се поништи и предупреди на ширењето на иранското влијание на Блискиот исток.