Светско клупско првенство на ФИФА: Сити на Леон или Урава

Европскиот шампион Манчестер Сити ќе се соочи со шампионот од Северна и Централна Америка, Клуб Леон од Мексико или азискиот шампион, јапонскиот Урава Ред Дајмондс во полуфиналето на Светското клупско првенство на ФИФА кое ќе се игра во декември во Саудиска Арабија, одлучи жрепката во вторник.

Во другото полуфинале, победникот на јужноамериканскиот Копа Либертадорес, кој допрва треба да биде познат, ќе се соочи со Ал-Итихад од Саудиска Арабија, Окленд Сити од Нов Зеланд или со африканскиот шампион Ал Ахли од Египет.

Шампионот на земјата-домаќин, победникот на саудиската Про-лига, Ал-Итихад, ќе го започне натпреварувањето против Окленд Сити. Ал-Итихад ќе се надева дека ќе ја повтори серијата на Ал-Хилал од минатата година, кога тие станаа првиот саудиски клуб што стигнал до финалето. Тогаш го загубија одлучувачкиот натпревар против Реал Мадрид, најуспешниот клуб во натпреварувањето со пет титули.

Учесникот од КОНМЕБОЛ ќе биде познат дури по финалето на Копа Либертадорес на 4-ти ноември, а во полуфиналето се аргентинската Бока Јуниорс и бразилските Палмеирас, Флуминенсе и Интернасионал.

Светското клупско првенство ќе се игра од 12-ти до 22-ри декември првпат во историјата во Саудиска Арабија, како што беше најавено во февруари. Градот Џеда ќе биде домаќин на натпреварувањето на два стадиона.

Изданието од 2023 година ќе биде последно во сегашниот формат – годишно натпреварување со седум клубови, пред да се прошири на формат со 32 клубови во 2025 година во Соединетите држави.

Ждрепката на Светското клупско првенство:

Прво коло:
Ал-Итихад (Саудиска Арабија) – Окленд Сити (Нов Зеланд)

Второ коло:
Ал Ахли (Египет) – Ал-Итихад/Окленд Сити
Клуб Леон (Мексико) – Урава Ред Дајмондс (Јапонија)

Полуфинале:
Претставник на КОНМЕБОЛ – Ал Ахли/Ал-Итихад/Окленд Сити
Леон/Урава Ред Дајмондс – Манчестер Сити