ТАФЕ заинтересирана да инвестира во Македонија

Премиерот Никола Груевски во рамките на официјалната посета на Република Индија, денеска во градот Ченаи оствари повеќе поединечни средби со големи бизнис компании, пред кои ги презентираше можностите за инвестирање во Република Македонија.

Премиерот Груевски оствари средба со генералниот директор и сопственик на ТАФЕ Груп, г-ѓа Малика Сринивасан и со раководниот менаџмент на оваа компанија. ТАФЕ Груп е трета по големина компанија во светот која се занимава со производство на трактори, комбајни и земјоделска механизација, и има годишен обрт на средства од 2,5 милијарди долари. Оваа компанија има производствени погони во Република Индија и во Република Турција, и тие се заинтересирани за инвестирање и отворање на производствен погон во регионот на Балканот, при што се интересираа за можностите за инвестирање кои ги нуди Република Македонија, разгледувајќи ја како можна локација за инвестирање.
Премиерот Груевски им ги објасни поволностите кои ги нуди Владата за водење на бизнис и инвестирање во Република Македонија.

DSC_2026

„Имавме средба со компанија која е трет производител по големина на комбајни и трактори во светот. Тие размислуваат да отворат фабрика за производство на трактори и комбајни со помала моќност за што разгледуваат различни локации, така што ја презентиравме Македонија како одлично место за инвестирање, пред сопственикот на компанијата и пред менаџментот“, изјави Груевски.

Сопственикот и главен менаџер на компанијата ТАФЕ Груп, Малика Сринивасан по средбата изјави дека нејзината компанија во своите анализи за ширење на инвестициите ја анализира и нашата земја. Малика Сринивасан магазинот Форбс ја вброи меѓу 100 најбогати, со проценето богатство од над 2 милијарди долари.

DSC_2103

ТАФЕ е присутна во 80 држави во светот и бараме да лоцираме место каде ќе може да започнеме со производство на трактори во регионот, а Македонија е една од државите која ја разгледуваме. Имавме продуктивни разговори денес со премиерот и министрите. Македонија денес е една од најстабилните држави, многу прогресивна, и многу пријателски настроена кон инвеститорите. Оваа е таа привлечност која ги носи луѓето во Македонија, инфраструктурата се развива многу добро. Гледајќи напред Македонија може да им овозможи на компаниите да биде порта кон Европа, како и кон ЦЕФТА земјите, изјави Малика Сринивасан, која воедно е претседател и на Амалгамајшн Груп.
Камал Ануја, кој е заменик директор на Амалгамајшн Груп и ТАФЕ Груп, истакна дека Македонија нуди поволни услови за инвестирање.

„Сега бараме можност да инвестираме во производствени погони во регионот, а можеби и во Македонија, како би можеле да се прошириме од таму на другите европски пазари. Македонија е стратегиски добро лоцирана, имате добри договори за слободна трговија со земјите од ЕУ и тоа е можност која ја истражуваме многу сериозно“, изјави Камал.