Тајни агенти на Европол меѓу мигрантите во Грција

Европската полициска агенција Европол распоредила тим прикриени агенти во центрите за регистрација на мигранти низ Грција, со цел да се спречи инфилтрација на оперативци на Исламска држава и да се намалат активностите на други криминални мрежи, дознава „Катимерини“, пренесува МИА.

Во интервју за неделното издание на весникот, Роберт Чрепинко, словенечкиот директор на новоформираниот Европски центар за криумчарење мигранти (ЕМСЦ) кој е во рамките на Европол, изјави дека 10 прикриени полицајци на тајна задача во моментов се стационирани на егејските острови Лезбос, Самос, Хиос и Лерос, како и на пристаништето во Пиреја, со задача да ги проверат сомнителните имигранти и да ги споредат со базите на податоци на Европол, во Холандија.

Заедно со грчките власти правиме секундарни безбедносни проверки за да се проценат можните опасни мигранти пред тие да влезат во ЕУ, изјави Чрепинко додавајќи дека „покрај филтрирањето осомничени екстремисти, операцијата има за цел да ги поддржи грчките власти и во други области поврзани со организиран криминал и шверц на мигранти“.

Операцијата била договорена на итниот самит на министрите за внатрешни работи на ЕУ по терористичките напади во Париз во ноември.