Тиранската платформа ги скара Беса и ДУИ?!

Движењето „Беса“ нема да учествува на денешната средба на парламентарните политички партии од албанскиот блок во Македонија, која е закажана на иницијатива на Демократската унија за интеграција.

За програмски определби не се разговара по хотели, вели портпаролот на движењето, Фатон Фазлиу, објавува „Дојче Веле“, пренесува Нетпрес.

„Беса“ нема да биде дел од овој состанок, бидејќи во него препознаваме сценарио и обид на ДУИ преку вакви „активности“ да ги покрие своите досегашни грешки. Нема потреба да се среќаваме во хотели. Зошто таа средба да не се реализира во Собранието, кое е вистинското место за дијалог меѓу партиите?, прашуваат од „Беса“.

Од Движењето вчера испратиле писмена порака до ДУИ со ваков предлог, но до синоќа не добиле одговор.

Ние предлагаме таа средба да се одржи во парламентот, со две конкретни точки за разговор. Првата е да добиеме писмен извештај од ДУИ и Алијансата на Албанците: што од Декларацијата на албанските партии е влезено во владината програма и со која динамика тоа ќе се реализира? Втората е да се развие план за предлог-закон за употреба на албанскиот јазик и за таа цел да се формира работна група што ќе биде составена од претставници на сите политички партии, објаснува Фазлиу, објавува „Дојче Веле“.

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, ги покани лидерите на албанските парламентарни партии денеска да присуствуваат на заедничка работна средба во 14 часот во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, „за да ја разгледаат имплементацијата на програмските определби“. Ваквата средба тој ја навести уште пред неколку дена, најавувајќи дека таа ќе се реализира по прославата на верскиот празник Рамазан Бајрам.

Средба со албанските парламентарни партии завчера имаше и еврокомесарот за соседска политика и проширување, Јоханес Хан. Како што изјавија од дел од партиите, на средбата се разговарало за потребата од реформи, за интеграциските предизвици и за поддршката што се очекува од сите партиски субјекти за реализација на тие цели.

Инаку, на 7 јануари, годинава, албанските политички партии во Македонија, со исклучок на ДПА, потпишаа заедничка Деклерација, т.н. „Тиранска Платформа“, во главниот албански град Тирана под покровителство на Еди Рама. Во тој документ тие се согласуваат „за взаемна поддршка на заедничката политичка агенда која предвидува реализација на повеќе цели, во идниот владин мандат и/или во секој понатамошен мандат“. Една од тие цели беше и постигнување на целосна јазична еднаквост, употреба на албанскиот јазик во сите нивоа на власта и гаранција за неговата примена, како фундаментално и уставно право.

Од друга страна, ВМРО ДПМНЕ жестоко реагираше на т.н. „Тиранска платформа“, а СДСМ и Зоран Заев постојано тогаш ја убедуваа македонската јавност дека такво нешто не постои, иако неофицијално се објавуваше оти социјал-демократите и нивниот лидер прифатиле остварување на се’ од таа платформа само за да добијат поддршка од албанските партии во Македоднија за да формираат влада.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.