Тони Паркер нов играч на „Шарлот Хорнетс“

Францускиот кошаркар Тони Паркер(36) е нов играч на „Шарлот Хорнетс“ и по 17 години поминати во Тексас се раздели од „Сан Антонио“ со кого освои четири шампионски титули. Паркер потпишал двегодишен договор со „Шарлот“, вреден 10 милиони долари. Во речиси двете децении во „Сан Антонио“, Паркер направи само еден краток излет, кога за време на локаутот играше за француски „Асвел“, чиј сопственик е.

Со „Спарси“ освои шампионски титули во 2003, 2005, 2007 и во 2014 година. Во 2007 година беше прогласен за МВП на финалната серија од НБА плејофот.

Оваа одлука Тони ја донел со тешко срце, а истата емотивно ја прифатил и тренерот Грег Попович кој потоа преку официјалната клупска страница се прости од кошаркарот.

Тешко е со зборови да се објасни колку Тони Паркер беше важен за организацијата на „Спарс“ во изминативе две децении. Од првиот ден во 2001 година кога имаше 19 години, Паркер не импресионираше и не инспирираше ден по ден, натпревар по натпревар, сезона по сезона со неговата страст, посветеност и желба. Ние сме му благодарни на Тони за 17 години на вистински прекрасни спомени. Покрај четирите шампионски титули, шесте ол-стар настапи, за мене најголема радост беше што го гледав како расте пред нашите очи. На сите нас во организацијата на „Спарс“ ќе ни фали Тони во програмата, му посакуваме на него и семејството се најдобро продолжувајќи ја извонредната кариера во Шарлот-истакна Попович.