Трошоците и долговите на општините годинава зголемени во споредба со лани

Според анализата направена заедно со УНДП за функционирањето на општините во оваа криза, во сите општини во земјава вкупните трошоци за енергија во периодот јануари-септември 2022 година споредени со истиот период минатата година се зголемени за една милијарда денари, што во споредба со вкупните приходи коишто изнесуваат околу 40 милијарди денари претставува голем трошок, изјави во интервју за МИА, министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов.

– Општините овој трошок го префрлиле во намалување на капиталните инвестиции и тоа уште повеќе ги зголемува трошоците. Згора на тоа, според анализата, со дополнителни 800 милиони денари општините ги зголемиле своите долгови и ги издигнале на ниво 4.2 милијарди денари, што во однос на 40 милијарди приходи е повеќе од 10 проценти, потенцира Пенов.

Според него, трошоци за енергија на општините е зголемена за една милијарда во однос на лани, а од друга страна капиталните инвестиции се намалени за 1,9 милијарди денари.

– Тоа е скоро, дупло. Каде е потрошена таа дополнителна милијарда, во некои неекономски, неефикасни мерки, проекти, подвлече Пенов.

Тој додаде дека оваа ситуација говори за лош менаџмент од страна на овие општински раководства во оваа година.

– Сето тоа говори за еден многу лош менаџерски однос на, не сакам да речам само градоначалниците, туку и советите и управите во општините, заклучува министерот Пенов.

Тој вели дека околу ова прашање не би можело да се предложи брзо решение, затоа што, како што вели, процесот на децентрализација се регулира со закон што се носи со двотретинско мнозинство и во оваа состојба на блокада на Парламентот, анализите и предлозите што се прават со УНДП, со УСАИД и со помош на Швајцарската амбасада, не можат да бидат изнесени во јавност, бидејќи „би изгореле” во јавната дебата без да можеме да добиеме или да очекуваме некаков ефект во Собранието.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.