Улогата на Агенцијата за промоција и (поддршка) на туризмот!

Повод за темата на денешната колумна е објавaтa на неколку написи и искажани зборови на тема улогата на Агенцијата за промоција и (поддршка) на туризмот во Македонија. Оној збор (поддршка) намерно колумнистот го става во заграда, од причина што како иницијатор и писател на Законот за основање на АППТ буквално сум јас, и можам да си го препишам како свое „чедо“, колку и да е позитивен или негативен исходот од нејзиното основање, па се’ до денеска во нејзината работа, како што се пишува деновиве дека треба да се укине истата.

Агенцијата за промоција и (поддршка, иако ова заградава јас ја потенцирам, моите колеги и директорот, по прочитанава колумна ќе ми речат дека сам сум си го укинал работното место) на туризмот е основана далечната 2008 година со посебен закон од тогашната Влада на Република Македонија. Во неа постојат два сектора, Сектор за промоција на туризмот, анализа, истражување и меѓународна соработка и Секторот за проекти, поддршка на туризмот и административно-правно работење, каде како единствен раководител работи лично вашиот колумнист. Тогашната идеја на вашиот колумнист беше да се формира Македонска Национална Туристичка Организација или скратен назив МНТО (по примерот на многуте НТО во светот, види колумна „Туристичка дестинација Македонија“ објавена на ден 5 август 2022 година), но за жал од некои тогашни политички причини не беше прифатено ова име и самата организациска шема, па истата го доби ова, за мене неславно име со оној збор во заградата кој го носи и ден денеска.

Оттогаш до денеска АППТ имаше низа на турбулентни, позитивни, девијантни, искривени, но и јасни впечатоци, како и јаки и слаби страни во нејзиното работење и постоење. Со неа раководеа вкупно 6 успешни, помалку успешни и катастрофални директори (за еден се говореше многу по социјалните медиуми и портали, така наречениот „шарен аргентинец“, за кој јас лично имам многу да пишувам за него, од причини што многу пати од него и кога беше внатре и надвор од неа ме прозиваше непотребно, но нека му биде на честа заврши како заврши, а тек треба да доврши). Во најубавите времиња, се’ до 2016 година, истата имаше повеќе од 40 вработени лица со две канцеларии едната во Струга и другата во Скопје, иако нејзината улога е да се прошири низ целата држава, со тогашен Буџет од повеќе од 2,5 милиони евра за голем број на активности, проекти и многу поголем број на толку оспоруваните саемски настапи.

Денеска е сведена на истите два сектори со само 27 вработени лица, пред некој ден прочитав дека околу 3.000 административци оваа година си поднеле отказ од таа наша „лоша администрација“ (замислете не бегаат само невработените и приватниот сектор туку и преплатената ништо работлива администрација) и секоја година со помал и помал Буџет (оваа 2023 Буџетот е само 950.000 евра од кои 720.000 се наменети за субвенционирање, а само 230.000 евра за нејзино финкционирање и реализација на годишната програма со сите активности). Така да тезата дека денеска се трошат големи пари за нејзиното функционирање паѓа во вода.

Ова беше само вовед за тоа која беше идејата и каква беше работата на агенцијата од 2008 година се’ до денеска. Оттука ќе се обидам да опишам која е улогата на таа Агенција во туризмот и во државата, од причини што за овие 15 години од нејзиното постоење гледам дека се уште не само кај владините луѓе, туку и јавноста и туристичката сфера немаат јасна слика што треба да работи истата. 15 години се обидувам да објаснам дека основната и примарната функција на АППТ е промоција и маркетинг на туризмот на национално ниво, поддршка на туристичкото стопанство во делот на промоција и маркетингот, непосреден контакт со туристичкото стопанство и ништо повеќе и друго. Останатите работи, креирањето на политиките, законската рамка, стандарите и лиценците, проблемите во туризмот, координациите со меѓуресорните институции е работа на едно министерство, во нашиов случај Министерството за економија – Секторот за туризам и угостителство (немањето на посебно Министерство за туризам е надлежно ова).

За жал кај нас има една искривена и не јасна позиција за тоа која е улогата на оваа Агенција. Дека таа претставува мини министерство за туризмот во државата и дека таа треба за се’ да се грижи, и за добрите и за лошите работи во него. Тоа е најголемата грешка поради која Агенцијата и ден денеска не е препознаена како потребна и успешна.

Организациската поставеност на туризмот во јаките развиени држави е следната: Министерство за туризам, кое може да биде самостоен во многу јаките туристички држави, или во склоп на некое друго министерство, кај средно развиените туристички држави (како на пример Министерство за економски развој и туризам во Црна Гора, во Србија е Министерство за туризам и младина, формирано непосредно од 2022 година, Министерство за култура и туризам во Република Турција и др.)

Кај нас посебно во туристичкото стопанство преовладува мислење дека ни треба посебно Министерство за туризам, за мене колку и да се судриме со некои туристички неистомисленици, тоа е чиста небулоза за потребата на едно вакво самостојно министерство. А, зошто така мислам? Ако се напаѓа постојано секоја влада дека има премногу таканаречени „партиски вработувања“, тоа е баш првата причина зошто не треба, а втората е со учество на туризмот во Џи-Ди-Пи од само нешто повеќе од 3% е непотребно да се има вакво министерство. Мојот предлог беше и овде јавно го повторувам, итна реорганизација на Министерството за економија по примерот на Црна Гора или Србија, или пак спојување на Министерството за култура и туризам по примерот на Турција, и онака културата во нашата држава е со најголемо учество во туристичките движења. На тој начин со еден удар решаваме два проблеми.

Лично поднесов (и сеуште го поседувам) посебен Закон за формирање на посебна туристичка инспекција, во некои држави се вика и полиција, која единствена улога ќе има контрола на туристичкиот пазар на правните, но и се поголемиот број на физички лица, каде и најголемиот дел на сивата економија е буквално кај овие вториве. За жал и за тоа се нема слух, од оваа влада па никаков, иако можам да видам дека со пресови и едните и другите го најавуваат во своите програми, па само би рекол добро е барем најавуваат кога веќе крадат идеи, а немаат визија за тоа како да се организира истата.

А, каква би била Агенцијата? Укинување нејзино никако, но нејзина трансформација во Национална Туристичка Организација (на Македонија) веднаш, оти денешниве не сакаат во ниеден случај да го спомнат ни старото, а ни новото име на државата. По примерот на ЈПП – Јавно приватно партнерство, со нова организациска поставеност, ослободена од мнението дека е министерство за се’, туку примарна и единствена активност јака интензивна промоција и маркетинг (секако не само саемски настапи). Овдека сакам да потенцирам дека не сакам да ја ослободам ниту Агенцијата, ниту нас прозваните раководители во истата од одговорноста за делување во скоро сите тековни проблеми во туризмот, а верувајте и лично и персонално многу пати сме делувале и за нечистотијата, за немањето јавни тоалети, која да оваа тема ја збориме повеќе од 20 години, ниту слабата осветленост и означеност на туристичките дестинации, ниту катастрофалната инфраструктура и проблемите тековни со автопатот до најшиот туристички бисер Охрид итн, итн. Но, колку сме биле сослушани и успешни во убедувањата и изнесувањата на проблемите тоа е веќе друга работа.

Но, прстот единствено во Агенцијата за сите проблеми не може и не треба да биде вперен и да сакаме не можеме да ги реши само Агенцијата, ниту вработените таму, кои и онака се во се’ помал број, ниту пак директорот, а ниту јас како единствено раководно лице (ако мене лично ме прашувате јас делувам на секаков начин и во самата агенција, онолку колку што ми е дозволено, па и на овој начин со напишани 27 колумни, кој не му е јасно нека ги прочита).

Ние имаме колективен проблем на општествена одговорност во државата, во водењето на државата, јавна култура, во креирањето на политиките за нејзиниот развој, економија, секако и туризмот. Ниту пак можат сите овие предизвици да се решат и со постоењето на едно посебно Министерство за туризам. Проблемите во секоја општествена пора во државата се толку големи и обемни што искрено не знам ни од каде да се почне, а каде да се заврши. Со претходната Влада за таа намена беше формиран Комитет за туризам кој лично го раководеше Претседателот на Владата, каде сите вакви проблеми и предизвици во туризмот ги решававме сите заеднички со многу претставници од владините органи.

Каде ви е денеска тој Комитет? Нели и оваа влада го формираше? Зошто не функционира воопшто? Имате ли Национална стратегија за развој на туризмот? Каде го гледате туризмот за 10 години во државава? До каде сте со патиштата освен предвидени 1,6 милијарди замислени пари? До каде се измените на законските процедури? Имате ли идеја за туризмот? Каде е воопшто туристичкото стопанство?

Се обидов како така да ви пренесам каква е и каква треба да биде улогата на Агенцијата во туризмот, и со оваа колумна ниту сакам да се одбранам од одговорноста ниту сакам да се покажам дека премногу знам. Едноставно само сакам да кажам дека една ластовичка не ја прави пролетта.

ПС: А и да, просечната плата на еден вработен во самата Агенција е само 23.000 денари мои почитувани читатели. Нешто повеќе од загарантираниот минимален личен доход.

Автор: Зоран Николовски, туризмолог, специјалист во туристички развој, и магистер по маркетинг и брендирање, за НетПрес