Верушевски бара 71.000 евра отштета за случајот „Пуч“

Зоран Верушевски, екс разузнавачот и советник за безбедност на премиерот Зоран Заев ја тужи државата за двата неосновани притвора со кои беше во затвор 11 месеца во 2015 година за случајот „Пуч“ и обвинението за неовластено поседување оружје. Оштетното побарување на Верушевски е 4 милиони и 104 илјади денари или приближно 71 илјада евра, пренесува А1он.

„Мотивот на оваа правна иницијатива е да се заокружи личната семејна голгота која ми ја наметна државата со конструкција без преседан во историјата на државата. Бев неосновано обвинет за најтешки дела од велепредавство и шпионажа до монструозно обвинение поврзано со педофилија и лична дискредитација“, рече вознемирен Верушевски пред судијката Јехона Садику.

Тој кажа дека сите оние кои му го скроиле ова се надвор од лицето на правдата, алудирајќи на обвинителството и полицијата.