Вистински ќе напредуваме ако економски ја градиме нашата земја

На човека може да му ја одземат слободата, може да го ограничат, да се обидат да го понижат, но не може да му го одземат сонот, зошто сонот е идеја, а идејата е вечна. Ова е мојот сон, за кој ќе направам се за да се обвистини, истакна Мицкоски во Битола.

-Македонија мора да ја менуваме, ние луѓето кои израснавме во премрежја, кои сме првите генерации на македонски политичари кои не должат никому и немаат бреме со себе.

Погледнете, ВМРО-ДПМНЕ го заокружи кругот на трансформација и реформи. На сцена се кандидати за градоначалници, нови лица кои ќе бидат креатори на политиката во државата од името на ВМРО во наредните десетина година. Тоа се луѓе израснати во самостојна Македонија, со чиста мисла и надеж за да работат за својата земја. Не должат на никој пред нив и затоа нема да бидат компромисни или да се откажат од заедничкиот сон за тоа како Македонија треба да изгледа по 30 години.

Ова е тој крстопат по кој се решава за судбината на земја и идните генерации. Затоа е важно народот кога одлучува да има јасна слика за тоа какви одлуки се носат.

Сакам и да се осврнам за тоа што значи патриотизам, и на потребата вистински тој да се сфати во 21 век.

Патриотизам е пушката за права, ама и перото на хартија. Патриотизам е и борбата за стандард и правдини. Вистински ќе напредуваме ако економски ја градиме нашата земја. Вистински ќе ја сакаме ако не молчиме. Патриотизам е да се бориме за повисоки плати и подобар живот. Патриотизам е да влеземе во ЕУ, и само така ќе станеме рамноправни и силни да разговараме за се друго што е важно за нашиот народ, само така ќе се брани Македонија и нашиот идентитет. Дури тогаш ќе ги браниме и оние кои велат сега дека е млако и треба поостро. Треба мудро и со стратегија до целта, и само тогаш ќе имаме успеси.

Дали сето ова вреди?

Немам никаква дилема дека вреди. И не се колебам ниту за секунда. Вреди затоа што ако не ние, нема кој друг. А ВМРО и народот секогаш ги воделе најтешките битки а ние ќе ја добиеме и оваа заедно. Вреди поради  младиот Стефан кој го сретнав вечерва и ми кажа дека дошол специјално во неговата Битола од Англија за да биде во својот дом за 8 септември, роденденот на татковината. И тој е вечерва овде со нас и го поздравувам. Вреди и поради младите луѓе таму некаде кои низ градовите и селата на нашата земја вечерва мечтаат за подобар живот, за повеќе шанси и живеат во надеж која не смее да ја разочараме. Вреди и за работникот кој со пот печали и се надева за подобро утре. Вреди и поради нашите деца и нивната иднина.

И како што е во стиховите на песната кои денес ја одзвонуваат вистината која татни во секое едно срце:

Земјо мила колку векови во темнина си била,

колку темни сказни знаеш, земјо мила.

Колку само страдања на рамена си збрала,

колку жртви ти за слобода си дала.

Знае само сводот вечен, знае сиот свет…

Време е Македонијо за големи работи. Најдоброто допрва доаѓа. А Македонија сме сите ние, сите вие. Од нас зависи. Сите ние сме ковачи на судбината, и ние мораме да ги преземеме работите во свои раце. Да го препознаеме и издвоиме црното од белото, да ги препознаеме лажните пророци и вистинските синови и ќерки. На Македонија и треба нејзиниот народ, затоа што секогаш Македонија е тука за нас. Среќен роденден татковино.

Биди исправена,

биди достоинствена

биди пркосна, стаменита и вечна

Да сте живи и здрави

Да Живее Македонија