Вистинскиот Алексис Ципрас

Ова, пријатели мои, не е радикална левица. Ова е најнизок вид политички опортунизам. Ципрас и неговата партија ловат риба во матните води на длабоката финансиска и социјална грчка криза и ќе направат сè за да дојдат на власт. Грција никогаш не била во полоша дилема од овој избор.

Пред неколку дена, додека уживав во мојот чај во една кафетерија во Брисел, начув жестока дискусија на една маса блиску до мене. Тема на дебатата беше Алексис Ципрас, 40-годишниот лидер на СИРИЗА, кој најверојатно ќе стане првиот грчки премиер што доаѓа од партија на радикалната левица.

Всушност, ова беше главната точка на тензиите меѓу учесниците во дискусијата. Дали Европа треба да се плаши од потенцијалната победа на „харизматичниот радикален левичар“ или тој ќе „направи компромис за да стане помејнстрим од мејнстримот“?

Од учтивост не сакав да се мешам во дискусијата, па решив со вас да го споделам она што јас го мислам за горнава дилема.

Најпрво од сè, ајде да расчистиме неколку работи. Дали Алексис Ципрас навистина е радикален левичар? Со ризик да разочарам голем број од луѓето во Македонија на кои тој им се допаѓа и кои навистина веруваат дека тој е радикален левичар, морам да одговорам со едно големо „НЕ“.

Алексис Ципрас е целосен продукт на грчкиот политички систем што владее во земјата од годината кога тој е роден (1974) па сè до денес. Тој е опишан како „лидер на училишното движење“ во почетокот на деведесеттите години, додека реално бил само претседател на ученичкиот совет во неговото училиште. Јас исто така бев на оваа позиција во моето училиште и знам дека критериумите за избор на „претседател“ се сè само не политички (што, секако, и се очекува од 16-годишници), туку се важни изгледот, способноста да зборува и да ветува, а и да има барем некаков успех со спротивниот пол. Се плашам дека 25 години подоцна, Грција се подготвува да се избере премиер од истите овие причини.

Ципрас никогаш немал вистинска работа во животот, ако ги изземете неколкуте кратки заменувања во техничката канцеларија на неговиот татко. Ова, за жал, е уште едно од нештата што му се заеднички со неговите политички противници. Ни Самарас никогаш во својот живот не работел вистински, а Костас Караманлис и Јоргос Папандреу – воопшто. Видовме каде тие ја однесоа Грција, меѓу другото и поради овој фактор. Вие не може да имате чувство за финансиска рамнотежа, не може да знаете дека го трошите само она што го заработувате, ако никогаш во својот живот не се работеле.

Ајде сега да се префрлиме на политичките термини. Која е дефиницијата на радикалната левица? Социјализмот (со други зборови, ставање на народот во преден план) што се судрил и ги победил (мирно или не) капитализмот, интернационализмот, антинационализмот. Ципрас никогаш реално не се судрил со системот, бидејќи тој е негов производ. Дури и ако сакал, тој не знае како да го направи тоа. Тој нема поим што е тоа интернационализам.

Во едно неодамнешно интервју тој призна дека му биле потребни многу години за да почне да размислува да отпатува во странство, не затоа што не можел да си го дозволи тоа, туку затоа што не мислел дека тоа е неопходно. И кога конечно почнал да патува по светот како лидер на СИРИЗА, тој претпочитал дестинации како Аргентина, Бразил и Венецуела, фалејќи ги моделите и ситуациите на кои наишол таму. Не е случајно тоа што тој зборува неприфатливо лош англиски (иако во последно време се обидува да го подобри).

Ципрас, „радикалниот левичар“, е оној што за свој главен советник за надворешна политика го именува поранешниот дипломат Јоргос Ајфантис, човекот што Виножито го тужеше за клевета! Тој е оној што секаде каде што има можност ја повторува истата здодевна приказна за грчките „црвени линии“ во спорот со името. Тој е оној што го квалификува „македонскиот национализам“ како главна причина за постојаното грчко вето на пристапувањето на Република Македонија во ЕУ. Тој е оној што ги користи истите практики како и неговите противници за да ги измами Македонците во Грција и да ги „украде“ нивните гласови. Конечно, тој е оној што на изборните листи на СИРИЗА ги стави поранешниот пратеник од ултрадесничарската партија „Независни Грци“, како и поранешниот европратеник Тремопулос. Личност што за време на презентацијата на Македонскиот буквар во Солун жестоко ја напаѓаше Грција, а сега, одеднаш, Република Македонија ја нарекува „Скопје“.

Ова, пријатели мои, не е радикална левица. Ова е најнизок вид политички опортунизам. Ципрас и неговата партија ловат риба во матните води на длабоката финансиска и социјална грчка криза и ќе направат сè за да дојдат на власт. Грција никогаш не била во полоша дилема од овој избор. Од едната страна е Самарас и сè што претставуваат тој и оние како него, а од другата страна се Ципрас и СИРИЗА, кои на ниедно прашање што им е поставено двапати не дале ист одговор.

Ципрас не е она што ѝ е потребно сега на Грција, но тој ќе победи. За доброто на земјата во која првпат го видов светлото на животот и која не може да западне во полоша ситуација од ова, искрено се надевам дека тој ќе ја наведне главата и ќе продолжи да работи со ЕУ за да ја доведе Грција во побезбедни води.

Ако не го стори тоа, тој на листата на своите атрибути ќе ја додаде и глупавоста. И тоа ќе значи крај на модерна Грција онаква каква што ја знаеме

Јоргос Пападакис за mkd.mk