Вивијан Рединг: Договорот меѓу ЕУ и САД за заштита на податоците полн со недостатоци

Потпретседателката на Европската комисија, Вивијан Рединг оцени денеска во Атина дека договорот „Сејф Харбур“ меѓу САД и Европската унија, која овозможува трансфер во САД на лични податоци на европските граѓани, е „како швајцарско сирење, полн со дупки“ и дека повторно треба да биде разгледан.

„Американците треба да го променат „Сејф Харбур“ за навистина треба да биде безбеден (сејф). Засега тој договор е како швајцарско сирење, а тие дупки ги загрозуваат граѓаните и европските претпријатија, чии што податоци не се заштитени,“ изјави Вивијан Рединг по доаѓањето на неформалниот состанок на министрите за правда на ЕУ.

Таа додаде дека утре во Давос треба да се сретне со американскиот државен секретар Џон Кери, на кој ќе го покрене тоа прашање.

Европскиот закон од 1998 година забранува трансфер на лични податоци надвор од државите кои не се членки на европскиот економски простор, а тука спаѓаат земјите членки на ЕУ како и Норвешка, Исланд и Лихтенштајн. Меѓутоа и Европјаните и Американците имаат различни видувања за почитување на приватниот живот. Договорот „Сејф Харбур“ има правна рамка и им овозможува на американските компании да се усогласат со европскиот закон.

Европската комисија на крајот на годината соопшти дека САД треба да исполнат 13 задачи пред летото 2014 година за тој договор подобро да ги заштити личните податоци на европските граѓани.

Главната задача на САД е да им обезбеди право на европските граѓани да можат да покренат судска постапка во САД, доколку таму не се користат нивните податоци како што треба. Тоа право е признато во ЕУ за американските државјани.