Внук го убил дедото поради наследство

Притвор и кривична пријава заработија две млади момчиња. Лицата се товарат дека го убиле дедото на еден од пријавените, во октомври 2014-тата година. Мотивот за извршување на кривичното дело е затоа што дедотот имал намера да се ожени со жена од Албанија, а целокупниот имот ќе го подарел на идната сопруга.

Кривична пријава е поднесена против А.Ш. (21) и А.Н. (20) и двајцата од село Пласница поради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело убиство. Пријавените се сомничат дека на 11-ти октомври 2014-та година во периодот меѓу 20.30 и 22.30 часот го нападнале и убиле 71- годишниот Риза А. исто така од Пласница.

Имено, пријавените се познавале со жртвата, А.Ш бил негов внук од син и живеел во истата куќа со Риза А. а и второпријавениот А.Н. честопати доаѓал во домот на жрвата. Според документираните сознанија од истрагата, велат од полицијата,  мотивот за извршување на кривичното дело произлегол од разговорите што ги слушнал првопријавениот од жртвата кој во повеќе наврати изјавувал дека имал намера да се ожени со жена од Албанија, а целокупниот имот ќе го подарел на идната сопруга.

Така, на 11 октомври 2014 година околу 20.30 часот пријавените се сретнале пред продавницата во село Пласница, каде А.Ш.  му предложил на второпријавениот да му помогни за да извршат убиство врз неговиот дедо Риза А. појаснувајќи му го мотивот за убиството.

А.Н.  го прифатил предлогот и веднаш по договорот се упатиле кон куќата на жртвата. Од помошниот објект-плевна во дворот на имотот А.Ш. земал еден копач, додека А.Н зел дрвена рачка од секира и потоа од терасата преку терасната врата влегле во внатрешноста на куќата. Откако утврдиле дека жртвата е во кујната на долниот дел (приземјето) од куќата, А.Ш. од горниот спрат, од една од собите зел две женски марами со кои се  маскирале за да не бидат препознати.

Потоа по внатрешните скали се симнале на приземјето и се поставиле во претсобјето, лево и десно од вратата на кујната, со намера да ја сочекаат жртвата. По кратко време од кујната излегол Риза А. кој во рацете носел послужавник со филџани и други работи и во истиот момент А.Н  со рачката од секирата замавнал према оштетениот и го удрил во слепочницата. Од ударот на жртвата му паднал послужавникот, по што почнал да се брани и успеал да му ја земе рачката од секирата. Додека жртвата се борел со А.Н. од зади му пришол А.Ш и со копачот го удрил во грбот. Жртвата била совладана и после неколку удари со посочените орудиј Риза А. починал на местото на настанот.

Пријавените потоа ја заклучиле влезната врата од внатрешна страна со клучот кој бил во бравата, се качиле на спратот, отишле во собата која ја користел Риза А, побарале пари но не успеале да најдат и повторно преку терасата слегле во дворот, а со себе ги зеле и предмети со кои го извршиле кривичното дело.

Преку нивите се упатиле кон реката Треска на место викано „Шаварите“, каде ги фрлиле предметите во реката.

По низата мерки и активности во рамки на истрагата завчера пријавените се приведени во  ПС ОН Македонски Брод, при што во целост го признале и појасниле кривично дело.

Од страна на судија на претходна постапка на двајцата им е одредена мерка притвор во траење од по 30 дена.