Вооружени агенти во центрите за броење на гласовите во САД

Американското министерство за правда им дозволи на вооружените федерални агенти да бидат присутни на местата за броење гласови ширум земјата во истрагите за можните фалсификати и изборни измами, објави весникот The New York Times повикувајќи се на свои извори.

Според законот, како што известува весникот, на вооружените федерални службеници им е забрането да присуствуваат на избирачките места на денот на изборите. Сепак, во министерството оваа одредба е поинаку толкувана. Неименуваните извори рекле дека на федералните обвинителства им бил испратен допис преку електронска пошта со објаснувањето дека, според законот тие може да упатат припадници на службата на избирачките места и на местата каде што се пребројуваат гласовите по завршувањето на изборниот ден.

„Законот не забранува вооружени сојузни службеници за спроведување на законот да истражуваат, спречуваат или да реагираат на федерални престапи на затворените избирачки места или на другите места, каде што се спроведува броење на гласовите“, го цитира NYT споменатиот допис од портпаролот на министерството за правосудство, Ричард Донахју.

Весникот наведува дека министерството за правосудство го испратиле ова писмо околу половина час пред актуелниот американски претседател Доналд Трамп да ја објави победата а неговиот изборен штаб да вложи тужби и барања за прекин на пребројувањето на гласовите во неколку сојузни држави.

Поранешни функционери од министерството за весникот рекле дека министерството за правосудство не треба да се меша во пребројувањето на гласовите, а дека неговите службеници не можат да влезат на местата за броење на гласовите или да ги земат гласачките ливчиња „дури и во текот на истрагата“. Изразиле загриженост дека владата на тој начин „се обидува да ги заплаши претставниците на локалните избирачки одбори или на друг начин да се меша во пребројувањето на гласовите“.

Во вторникот во САД се одржуваа претседателски и избори за Претставничкиот дом и за третина од местата во Сенатот. Резултатите од голем број држави сѐ уште не се познати. Според водечките американски телевизии, демократскиот кандидат Џо Бајден е во водство и му недостасуваат уште шест електорски гласови. Но актуелниот републикански претседател Доналд Трамп во средата објави победата и ги обвини демократите дека се обидуваат да ги „украдат изборит“, а неговиот изборен штаб побара засега само во некои држави стопирање или ново пребројување на гласовите бидејќи на републиканските набљудувачи не им било овозможено пристуство во текот на броењето на гласовите.