Загина дете во превртен чамец во близина на Лезбос

Во акција за спасување на бегалци и мигранти на грчката крајбрежна служба во близина на Лезбос, од морето било извлечено мртво дете, откако се превртил чамец во кој имало 48 лица, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што соопштуваат од грчката крајбрежна служба, чамецот го превртеле самите мигранти, за да се спроведе спасувачка акција, нешто што е честа тактика по препорака на криумчарите. Спасени биле 46 лица, а две деца пренесени во болница. Едното, и покрај обидите на лекарите да го вратат во живот, починало. Другото дете е хоспитализирано и е вон животна опасност.

Чамецот со мигрантите и бегалците, во 8.30 часот утрово, според крајбрежната служба, пловел во придружба на турски патролен брод, на граничната линија во близина на Лезбос.

-Кога влезе во грчките територијални води и се доближи брод на крајбрежната служба, патниците го превртија чамецот (станува збор за вообичаена тактика по препорака на криумчарите за да се спроведе спасувачка акција), соопштуваат од грчката крајбрежна служба.