Законски измени без транспарентен процес се спротивни на европските стандарди, оцени Врховниот суд

Донесувањето на законски измени без транспарентен процес преку јавна дебата и стручна расправа е спротивно на заложбите за реформи во законодавството во согласност со европските стандарди – посочуваат од Врховниот суд.

Одделот за казниви дела при Врховниот суд на денешната седница ги разгледа измените на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, објавен во Службен весник на Република Северна Македонија бр.188/23 од 07.09.2023 година. На денешната седница беа разгледани и измените во врска со злоупотребата на службената положба и овластување.

На седницата беше истакнато дека подготвувањето на законски измени кои имаат влијание врз судските постапки мора да биде спроведено низ транспарантен процес преку јавна дебата и стручна расправа.

„Во Врховниот суд од страна на Министерството за правда не беа доставени на мислење предметните измени на Кривичниот законик. Со тоа беше оневозможено Врховниот суд да даде мислење за донесените законски измени кои претставуваат прашање од висок јавен интерес. Врховниот суд смета дека донесувањето на законски измени без транспарентен процес преку јавна дебата и стручна расправа е спротивно на заложбите за реформи на законодавството во согласност со европските стандарди. Врховниот суд на Република Северна Македонија секогаш давал поддршка на законски решенија кои придонесуваат за ефикасна борба против корупцијата и криминалот и поаѓајќи од тие заложби и во минатото немал забелешки за висината на казните за предметните кривични дела, ниту предложил нивно ублажување” – беше заклучено на денешната седница, информираат од Врховниот суд.